СДСМ ГИ ПРЕДЛОЖИ ЗАКОНИТЕ ШТО ВМРО-ДПМНЕ ГИ ВЕТИ ВО ИЗБОРНАТА ПРОГРАМА, НО ПРАТЕНИЦИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ ГИ ОДБИЈА

    СДСМ ГИ ПРЕДЛОЖИ ЗАКОНИТЕ ШТО ВМРО-ДПМНЕ ГИ ВЕТИ ВО ИЗБОРНАТА ПРОГРАМА, НО ПРАТЕНИЦИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ ГИ ОДБИЈАСтанува јасно дека оваа програма била само предизборен кампањски трик или преведено на македонски јазик оваа програма била само лага“, рече пратеникот Јован Митрески. (Фото: Принтскрин од видео на Собрание на РСМ)

    Дванаесетте закони што ги поднесе СДСМ, а се неостварени ветувања од Програмата на ВМРО-ДПМНЕ со која победи на изборите, вчера ги одбија самите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.

    „За една година владеење, вие кои што велевте ‘Никогаш северна’, останавте само на поднесени и изгласани над 110 закони за промена на името од Република Македонија во Република Северна Македонија“, обвини пратеникот од СДСМ Јован Митрески.

    За да не останат ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ, односно на лидерот на тогашната опозиција Христијан Мицкоски, само празни зборови на хартија, пратениците од СДСМ ги извадија неостварените ветувања на ВМРО-ДПМНЕ од предизборната програма „1198“ и наместо нивните колеги, вмровските пратеници, решија тие од името на СДСМ да ги поднесат до Собранието.

    Сите предложени закони се за повисоки плати, за подобар живот и за повисок стандард на граѓаните, за враќање на заминатите од странство, од делот во предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ наречен: „Добредојдовте во Македонија“.

    „Ова што го гледаме од овие први две гласања е дека вие како пратеници на мнозинството не си стоите на тоа што сами сте го напишале во изборната програма и на програмата со којашто сте излегле пред граѓаните и сте ја побарале и добиле нивната доверба“, рече пратеникот Јован  Митрески од СДСМ и го цитираше Мицкоски како минатата година збореше дека „оваа платформа е повеќе од клучна за да се реализира визијата за изградба на подобро општество кое им служи на граѓаните, визионерски политички план кој се потпира на модерен и прецизен пристап кон управување со ресурсите што ќе создаде услови за поквалитетен живот и динамичен економски развој“, и така натаму.

    Митрески го образложи предлогот на пратеничката група на СДСМ кој предвидува фирмите да се ослободат од плаќање данок на личен доход за период од една година за сите лица кои живееле во странство најмалку една година, што беше ветување на ВМРО-ДПМНЕ, во делот „Добредојдовте дома“ во која враќањето на нашинците назад во татковината е приоритет на новата Влада.

    „Еве, поднесовме закон според тоа што вие сами сте напишале во вашата програма, во програмата со којашто сте побарале доверба. Јас уште еднаш ве повикувам како пратеници на мнозинството, ако стварно верувате во својата програма, тогаш да го поддржите овој предлог, ако не го направите тоа тогаш станува јасно дека оваа програма била само предизборен кампањски трик или преведено на македонски јазик оваа програма била само лага“, рече Митрески.

    СДСМ поднесе закон минималната плата да продолжи да расте, потоа закон за продолжување на растот на сите плати во приватниот и јавниот сектор и ниеден од нив не беше прифатен. Законот за бранители една година стои заглавен во процедура. Законот за настраданите од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, поднесен исто така од СДСМ,  е во чудни деловнички лавиринти и не може да види виделина. Поднесени беа над 400 амандмани на Буџетот и, како што кажа Митрески, прв пат во историјата на нашето повеќепартиско Собрание, ниту еден од нив не беше прифатен.

    „Ветуваа породилно отсуство за жените земјоделки, но една година ни од тоа нема нешто. СДСМ и таков закон поднесе, како и за ветениот, а неостварен 1 денар од акцизата за гориво за спортистите, за клубовите, спортската инфраструктура“, кажа тој.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира