АРСОВСКА ЛАЖЕ И МАНИПУЛИРА ДЕКА ЈА НАПАДНАЛЕ ПРЕД ПОЛИЦАЈЦИ, СИ ЗАМИНА ОД ПОЛИЦИЈА БЕЗ ДА ГО ПОТПИШЕ ЗАПИСНИКОТ ЗА НАПАДОТ, РЕЧЕ ТОШКОВСКИ

    АРСОВСКА ЛАЖЕ И МАНИПУЛИРА ДЕКА ЈА НАПАДНАЛЕ ПРЕД ПОЛИЦАЈЦИ, СИ ЗАМИНА ОД ПОЛИЦИЈА БЕЗ ДА ГО ПОТПИШЕ ЗАПИСНИКОТ ЗА НАПАДОТ, РЕЧЕ ТОШКОВСКИПри составување на записникот и примање на пријавата од страна на госпоѓата, истата станала и си отишла, не потпишала записник, изјави Тошковски. (Фото: СДК.МК)

    За нападот врз градоначалничката Данела Арсовска при увид на дивоградба во скопски Чаир спроти Полициската станица на Бит Пазар, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски рече дека физички имало контакт, но нејзиното тврдење дека било пред очите на полицијата е лага и повторен обид за манипулација на јавноста. Тошковски во вечерашното гостување на Сител ТВ, кажа дека Арсовска не го потпишала полицискиот записник.

    „Дошла во полициска станица, била примена од страна на полициските службеници, отпочнале со полициски дејствија. Меѓувремено контактирале јавен обвинител. Лицето коешто го навела како такво е приведено е во полициска станица, и плус други две лица коишто вербално се заканувале. И пазете сега. При составување на записникот и примање на пријавата од страна на госпоѓата, истата станала и си отишла. Не потпишала записник. Замислете“, изјави Тошковски.

    Во видеото што Арсовска го објави вечерва околу 20 часот на својот фејсбук профил, кажа дека штотуку излегле од полициската станица во Кисела Вода со советничката Ирена Витина каде што биле повеќе од два часа.

    „По првиот час нагло се промени расположението во полициската станица, по што почнаа да се обидуваат да го прикријат овој настан со цел да го заштитат лицето кое што физички ме нападна.Трагедијата е што добив прашања од нивна страна, што сум барала јас таму, зошто одам и шетам на терен. Ако ви е целта да не изглегувам на терен, веднаш ви кажувам нема да ме спречите…Ќе пријавувате насилници сто пати, никој нема да реагира и на крај ќе ве утепаат. Затоа не сме држава. Затоа МВР функционира во одбрана на криминалци, МВР функционира да ги брани оние кои тепаат по улици, можеби се плашат од нив, ако се плашите, Тошковски ако се плашиш бе, момче, дај си оставка, оди си, дај некој што е храбар, што има срце, душа нека оди таму да се справува со овие луѓе“, кажа меѓу другото Арсовска.

    Претходно вечерва, во интервју за Телма Тошковски рече дека МВР постапило во два случаи и дека се отворени дисциплински постапки против полициски службеници за случаи кои ги пријавила Арсовска, но дека таа и покрај тоа што била повикувана во полиција да пријави одбивала да доаѓа, а во исто време објавувала на социјалните медиуми.

    Случајот го коментираше и бугарскиот европратеник Андреј Ковaчев, кој е од партијата ГЕРБ на Бојко Борисов, кој на Фејсбук објави дека е сериозно загрижен „од она што се случи денес со градоначалничката на градоначалничката на град Скоп, г-ѓа Данела Арсовска – бугарска државјанка. Ги повикувам Министерството за надворешни работи и бугарската амбасада во Скопјe веднаш да ѝ обезбедат правна, конзуларна и морална заштита“.

    „Ова е уште еден случај на насилство, малтретирање и јавно линчување врз бугарски државјани кои држат високи јавни функции и стекнале бугарско државјанство врз основа на докажано бугарско потекло – само затоа што се осмелиле да се изјаснат како Бугари“, вели европратеникот Ковачев.

    Од Министерството за внатрешни работи (МВР) соопштија дека се приведени двајца напаѓачи.

    „Во врска со настанот во кој што е пријавено дека градоначалничката на град Скопје била физички нападната, од страна на полициски службеници од СВР Скопје обезбедени се две лица кои во моментов се во Полициска станица со кои се обавува службен разговор“, велат од МВР.

    Од ГОБ „8 Септември“ претходно ни изјавија дека Арсовска била примена во Ургентен центар видно вознемирена и со контузии од удирање со клоци и тупаници и е прегледана од специјалисти.

    Градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу го осуди нападот врз Арсовска и негира поврзаност со инцидентот.

    „Општина Чаир најостро го осудува инцидентот што се случи помеѓу градоначалничката на Град Скопје, г-ѓа Данела Арсовска, и неколку лица на територија на Општина Чаир. Ваквите дејствија се неприфатливи и претставуваат сериозно нарушување на нормите на однесување во едно демократско и цивилизирано општество. Сметајќи дека е важно јавноста да биде точно информирана, ја појаснуваме фактичката состојба – настанот воопшто не е поврзан со нашата институција. Ниту еден вработен или функционер на Општина Чаир не бил инволвиран, ниту пак присутен на местото на настанот“, објави Ганиу на Фејсбук.

    Градоначалниката Данела Арсовска на 31 мај достави документи за незаконски легализации на дивоградби во Обвинителството, а на 27 јуни до до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) достави докази за нови, како што рече, криминални легализации од градоначалникот Висар Ганиу.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира