Во Тетово денеска беше одбележана 100-годишнината од осветувањето на црквата „Свети Кирил и Методиј“. Пред голем број верници од Тетовско, но и од други места од државата, со светата литургија чиноначалствуваше поглаварот на Македонската правоославна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) архиепископот охридски и македонски Стефан во сослужение на владиката тетовско-гостиварски Јосиф.
„Честита годишнина, честит векот и дај Боже уште многу, многу векови и вечно да опстојува овој велелепен храм овде во Тетово“, рече архиепископот Стефан.
Црквата „Свети Кирил и Методиј“ во Тетово се вбројува меѓу најубавите цркви не само во полошкиот крај, туку и во Македонија. Нејзината градба е почната во 1903 во виорот на Илинденското востание. На почетокот на градбата мајсторите наидувале на одредени потешкотии како резултат на нестабилноста и влажноста на земјиштето. За да биде отстранета водата, во темелите на црквата биле набивани костенови колци. Се смета дека колку црквата што е висока, толку е и длабока, за да не биде подложна на лизгање, а темелите биле полнети со олово.
При градбата е употребуван камен бигор кој тетовци на грб го носеле од Тетовското кале. Црквата се градела со доброволни прилози на населението. Изградбата била завршена во 1918, фрескоживописот е изработен од прочуениот зограф
Данаил Несторов Фрчкоски во 1924, а црквата била осветена на Петровден во 1925 година.
З. АНДОНОВ