Голем пожар ја уништи главната бина на популарниот фестивал на електронска музика „Тумороуленд“ во Белгија, два дена пред да требаше да почне. Организаторите кажаа дека нема повредени и дека фестивалот сепак ќе се одржи.
Снимки споделени од локалните медиуми и на социјалните мрежи покажаа пламен и облаци од црн чад како ја проголтуваат бината, а огнот се шири кон блиската шума. Причината за пожарот не е позната.
Фестивалот во градот Бом близу Брисел, што треба да почне утре, секоја година привлекува десетици илјади луѓе.
„Поради сериозен инцидент и пожар, нашата омилена главна бина е сериозно оштетена. Ова е ужасно, тоа е бина што се развиваше со години. Но, можеме да потврдиме дека никој не е повреден и фестивалот ќе продолжи според планираното. Очекуваме 38.000 посетители во нашиот камп, како и 100.000 луѓе да дојдат во градот. Нема да има главна бина, но ќе понудиме алтернативи“, изјави портпаролот на фестивалот.
Основан од двајца белгиски браќа пред 20 години, „Тумороуленд“ денес е еден од најпрепознатливите техно фестивали во светот, благодарение на неговите спектакуларни бини и сценографии.