Доналд Трамп објави дека „Кока-кола“ се согласила да користи вистински шеќер од трска во своите пијалаци во Америка.
„Кока-кола“ става пченкарен сируп во своите американски производи, но министерот за здравство Роберт Кенеди Џуниор изразил загриженост за неговото влијание врз здравјето.
„Зборував со компанијата за користењето на вистински шеќер во ‘кока-кола‘ во САД и тие се согласија со тоа. Ќе видите, сега ќе биде подобра. Би сакал да им се заблагодарам на сите надлежни во компанијата“, кажа Трамп.
Без да ја потврди промената на рецептот, портпаролот на „Кока-кола“ кажа дека го ценат ентузијазмот на Доналд Трамп и наскоро ќе споделат детали за новите иновативни понуди во својата палета производи.
Додека „кока-колата“ што се продава во САД обично е засладена со сируп од пченка, во други земји, како што се Мексико, Велика Британија и Австралија, има тенденција да се користи шеќер од трска.
Во април, извршниот директор на „Кока-кола“, Џејмс Квинси, им рече на инвеститорите дека „продолжуваат со намалувањето на шеќерот во своите пијалаци“.
Трамп редовно пие диетална „кока-кола“, за која се користи вештачкиот засладувач аспартам. Тој постави копче на своето биро во Белата куќа за да може да му се донесе пијалакот во секое време.