Родителите на децата кои загинаа во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во обраќање преку Фејсбук страницата на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“ го обвинија премиерот Христијан Мицкоски дека длабоко ги навредил на состанок во Владата одржан на 7 јули. Според нив, кога го разгледувал барањето за еднократна парична помош за душевна болка, премиерот им рекол: „Ова барање е исто како предлогот на СДСМ, само што вие немате ставено цена. Одредете си цена за вашите деца“.
Во нивното обраќање, родителите детално ја објаснуваат хронологијата на настаните. Тие на 1 јули испратиле истоветно барање до премиерот, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и претседателот на Собранието, Африм Гаши. Како што наведуваат, одговор добиле само од кабинетот на премиерот, од каде им закажале средба за 7 јули. Иако инсистирале средбата да се одржи во Кочани, од кабинетот на премиерот им било одговорено дека тоа не е можно од безбедносни причини.
На средбата во Владата, на која присуствувале околу 60 членови на семејствата, биле изненадени кога премиерот изјавил дека првпат го гледа нивното барање.
„На тоа реагиравме бурно, бидејќи уште на 3 јули – кога нè контактираа – ни беше кажано дека барањето е примено и разгледано. На нашиот револт реагираше неговата портпаролка, г-ѓа Марија Митева, објаснувајќи дека во Владата има процедура“, стои во соопштението.
Според тврдењата на родителите, најголемата навреда следела кога премиерот почнал да го чита барањето и дошол до точката за парична помош за нематеријална штета и душевна болка.
„Овие зборови ќе одекнуваат засекогаш во нашите срца, како уште една смрт – смрт на достоинството“, пишуваат родителите.
Тие во писмото велат дека немаат политички агенди и дека нивната единствена цел е правда за 62-та млади животи кои згаснаа во трагедијата. Родителите го критикуваат и правосудниот систем, наведувајќи дека судскиот процес сè уште не е започнат, а осомничените се на слобода.
„Доста со манипулации. Доста со потценување на нашата болка. Доста со лаги и игри врз сметка на животите на нашите деца! Нашата единствена цел е правда. Ние не се плашиме. Иако сме под огромен стрес и со скршени срца, нашиот разум и нашата борба не престануваат“, велат родителите на починатите деца во трагедијата во дискотеката „Пулс“.
Барањата на здружението се:
1. Еднократна парична помош за секое погодено семејство на починатите во трагедијата за душевна болка и нематеријална штета, преку Фонд за итна поддршка на државниот буџет, со јасна и транспарентна процедура за исплата
2. Предвремено пензионирање или инвалидска пензија за родителите на починатите во трагедијата
3. Право на отсуство или заштита на работното место по трагичната загуба
4. Поддршка и заштита на децата кои изгубија родител
5. Поддршка и заштита на браќата и сестрите на починатите
Во пожарот во диското „Пулс“ на 16 март загинаа 62 лица, од кои и шест деца, а 200 беа повредени.
Државениот јавен обвинител, Љупчо Коцевски на прес-конференција на 13 јуни кажа дека е поднесено обвинение за пожарот во Кочани, со кое се опфатени 34 физички и три правни лица. Тие се гонат за Тешки дела против општата сигурност. Меѓу обвинетите се сопственици на локали, управители, инспектори, градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници. Поради немање доволно докази, постапката беше запрена за вкупно 11 лица, помеѓу кои двајца поранешни министри. Истражна постапка се води и против 13 полицајци поврзани со случајот. Првично со истрагата беа опфатени 47 физички и 3 правни лица. Поради немање доволно докази, за 11 лица постапката се запира, еден од осомничените во меѓувреме почина, а за еден постапката е во прекин поради неговата здравствена состојба. Според Коцевски, доколку во иднина се обезбедат докази, постапката може да продолжи за оние за коишто е запрена, а не се исклучува можноста со истрагата да бидат опфатени и други лица.