Обвинителството за организиран криминал и корупција поднесе обвинителен предлог против претседателката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) Татјана Димитровска за кривично дело Оддавање службена тајна и Компјутерски фалсификат, а се работи за праќање на тајни податоци на осомничен во истрагата „Адитив“, нејзин пријател.
Таа е соизвршителка со уште едно лице, а главната обвинета за оддавање службена тајна, е раководителка на компанија и е обвинета и за други кривични дела во предметот „Адитив“.
Димитровска како второобвинета за оддавање службена тајна, со умисла како службено лице – претседател на ДКСК, од мај до декември 2024 година на неповикано лице обвинето во предметот „Адитив“ на друг начин му сторила достапни податоци кои согласно чл. 25 и чл. 50 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, како и чл. 289 од ЗКП претставуваат службена тајна.
„Таа преку својот службен телефон и апликациите Viber и WhatsApp му давала податоци на обвинетиот за поведени постапки, за отворање на предмети против сега обвинетите правни и физички лица во предметот ‘Адитив’, службени белешки за отворање на предмет и распределба на член на ДКСК, одлуки по истите, како и податоци за проверка на имот на обвинетиот и на неговото семејство. Со своите дејствија таа открила податоци што согласно закон се сметаат за службена тајна и чие откривање може да има штетни последици како за службата, така и за постапките што се водат пред ОЈОГОКК“, пишува Обвинителството за организиран криминал и корупција.
Но кога го истражувале нејзиниот мобилен телефон, форензичарите од ова Обвинителство откриле и фалсификат за положен испит на Димитровска, уште кога била државен ревизор.
„На истата обвинета ѝ се става на товар и дека со цел да добие Сертификат за положен испит, во август 2024 година од службениот телефон преку апликацијата Viber на третообвинетиот – ревизор во ДЗР, му испратила компјутерски податоци – логови за пристап на електронски систем за обука на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации. Третообвинетиот од службениот електронски уред на Државниот завод за ревизија пристапил од нејзината електронска адреса и во име и за нејзина сметка го положил тестот за класифицирани информации. Сертификатот за успешно завршување на курсот за класифицирани информации издаден од страна на Дирекција за безбедност на класифицирани информации второобвинетата го употребила како вистински компјутерски податок и врз основа на него ѝ бил издаден безбедносен сертификат за пристап до национални класифицирани информации со степен Државна тајна“, кажа денеска Обвинителството скандалозна вест.
Истражната постапка беше отворена кон крајот на април 2025 година, како резултат на екстрахираните електронски докази во рамките на предметот „Адитив“.
Првообвинетата, пак, е раководителка во Подружница ТЕЦ Неготино АД ЕСМ Скопје која од јули до ноември 2024 година, на неповикано лице обвинето во предметот „Адитив“, на друг начин му сторила достапни податоци што претставуваат службена тајна и се однесуваат на севкупното работење на правното лице. Дополнително, откако од Одделот за криминалистичка полиција кој постапувал по наредба на ОЈОГОКК, било доставено Барање за доставување на документацијата што се однесува на спроведена постапка за набавка на мазут за периодот од 2021-2023 година, таа преку апликација WhatsApp на телефонски број на обвинето лице му испратила фотографија од Известувањето иако сите податоци, документи, известувања и извештаи согласно закон се сметаат за службена тајна и нивно откривање може да има штетни последици за започнатата постапка.
По одобрување на обвиненијата обвинителството ќе побара спојување на постапката со предметот „Адитив“.
За обвинетиот ревизор кој полагал во име на претседателката на ДКСК предложени се мерки на претпазливост – привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање и забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со второобвинетата. За останатите две обвинети опфатени со поднесените обвиненија активни се мерките определени со започнување на постапката против нив.
С. К. ДЕЛЕВСКА