„Ер-трактор“ е вклучен во гаснењето на пожарот во Паркот на природата Езерани во Преспа, но огнот сѐ уште не е ставен под контрола. Гори веќе четири дена, огнот има зафатено околу 300 хектари трска од заштитеното подрачје. Нема опасност по домовите на околните население места, но загрозен е животинскиот свет во Паркот.
На терен се излезени Територијалната противпожарна единица од Ресен, вработени во Паркот, Општина Ресен, Националниот парк Галичица, други институции и месно население.
„Огнот зафати околу 300 хектари површина и се шири, гори трска, елова шума и јаболкови насади. И Пожарната е вклучена, и месното население, и воздухоплов од 10 часот гаснеше. Многу гори и не е под контрола“, рече Златко Пандевски, ренџер во Паркот.
Огнот засега нема предизвикано голема материјална штета, но ќе има негативни последици врз биодиверзитетот. Паркот Езерани е дом на 216 видови птици од кои дел глобално загрозени што претставува 66% од птиците на национално ниво или 42% од вкупниот број птици регистрирани во Европа. Меѓу нив и најголемата колонија на далматински пеликани. Во Езерани живеат 30 видови цицачи, безрбетници, водоземци и влечуги меѓу кои и балкански ендемити, кои се дел од природното богатство на Македонија.
И Македонското еколошко друштво (МЕД) повика на спас на Паркот каде на 1.917 хектари живеат голем број ретки и загрозени растителни и животински видови поради што Паркот се наоѓа на признати светски листи за значајни подрачја.

Огнот зафати околу 300 хектари површина и се шири, гори трска, елова шума и јаболкови насади. (Фото: МЕД)
„Ова заштитено подрачје сместено на северното езерско крајбрежје важи за едно од најзначајните подрачја за биолошка разновидност во Преспанскиот Регион и во државата, дом на голем број растителни и животински видови кои во моментот се жртва на пламените јазици. Освен негативните последици врз биодиверзитетот, пожарот несомнено ќе се одрази негативно и врз целиот Преспански предел, дополнително ќе биде нарушена состојбата на Езерото, како и квалитетот на живот на локалното население! Под ризик се приватните поседи и овоштарниците од населените места кои граничат со Паркот“, соопштија од МЕД.
Градоначалникот на Ресен Јован Тозиевски вели дека се мобилизрани сите расположливи сили за да се изгаси огнот, но гори трска на непристапен терен, поради што вклучени се и воздухоплови. Тој се сомнева дека огнот е подметнат.
„Уште пред недела и половина се запали во близина на селото Перово. Го изгасивме, а пред четири дена повторно вивна во паркот. Вчера се обидовме да фатиме и еден потпалувач. Не е првпат да го палат. Ние гаснеме, а други потпалуваат. Не може да се каже со точно зошто, едни за плодно земјиште, други за печурки, а трети пиромани. Битката за спас продолжува деноноќно“, вели Тозиевски.
Тој додава дека нема опасност по околните куќи, а се води битка огнот да не се префрли во Националниот парк „Галичица“.
Ж. ЗДРАВКОВСКА