Пратеничките групи во Собранието ги држат и натаму независните кандидати за градоначалници и за советници надвор од учеството во локалните избори и не го решаваат нивниот статус, откако Уставниот суд во март ги укина одредбите со кои големите партии им набија илјадници потписи за да можат да се кандидираат на избори.
Вака, без регулатива и правила, независните не може да се кандидираат и да учествуваат на престојните избори.
Претседателот на Собранието Африм Гаши на новинарско прашање денеска на брифинг во неговиот кабинет, кажа дека ова прашање ќе мора да се реши, но ни самиот не знае како и кога би се смилувале парламентарните партии да го донесат законот.
Вели дека ова прашање виси и ако не се реши до одморите, ќе мора веднаш во деновите по феријата.
„Уставниот суд кажа да се донесе нов Изборен законик откако во март ги укина членовите со кои на независните кандидати им беа потребни зголемен број потписи за да се кандидираат на избори, но еве сега и на крајот на јули не се исполнети условите за да се донесат новите норми. Имаше согласност од големите партии, а се противеа ДУИ и Левица. Ако не го изгласаме до крајот на месецов, не знам што ќе се прави, но сме збореле на координации на пратеничките групи дека Изборниот законик е прашање кое мораме да го решиме. Ќе го донесеме по одморите“, се надева собранискиот спикер.
С. К. ДЕЛЕВСКА