ПРИВАТНА КОМПАНИЈА ДОНИРАШЕ 800.000 ЕВРА ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ГИМНАЗИЈАТА „КИРИЛ ПЕЈЧИНОВИЌ“ ВО ТЕТОВО ЗА НАСТАВА НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК

    ПРИВАТНА КОМПАНИЈА ДОНИРАШЕ 800.000 ЕВРА ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ГИМНАЗИЈАТА „КИРИЛ ПЕЈЧИНОВИЌ“ ВО ТЕТОВО ЗА НАСТАВА НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИКСо донацијата предвидено е да се смени покривот на двата објекта на Гимназијата, како и целосно да се реновира нивната внатрешност. (Фото: СДК.МК )

    Со донација од околу 800.000 евра започнато е реновирањето на двата објекта од тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ во кој  наставата се следи на македонски јазик. Донацијата е од скопската фирма „Уни промет“, која освен за Tетовската гимназија донирала средства и за реконструкција на канализационата мрежа во Теарце.

    Со донацијата предвидено е да се смени покривот на двата објекта како и целосно да се реновира нивната внатрешност.

    „Овие два објекта се меѓу најстарите образовни објекти во градот и се симбол за традицијата и културата на Општина Тетово. Нашиот град со инвестициите кои се прават во образованието, во изградба на нови училишни згради за основно и средно образование, во спортските терени како и во изградба на нови базени за децата, станува град каде што нашите деца, нашите ученици, ќе имаат европски услови за учење“, изјави градоначалникот на Тетово Билал Касами, кој во придружба на премиерот Христијан Мицковски и министерката за образование Весна Јаневска присуствуваа на почетокот на реконструкцијата на објектите.

    Овие два објекта се изградени на почетокот на 20. век, во 1906 и во нив била сместена првата Тетовска гимназија. Во 1960-тите години на минатиот век во Тетово, во негова непосредна близина изграден е нов објектот на тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ“, а во старата гимназија почнува да работи средното медицинско училиште сѐ до 2005  кога и тоа се пресели во нов објект.

    До 2001, во централниот објект на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ заедно учеа учениците кои ја следеа наставата на македонски и на албански јазик. Но, по неколку инциденти и тепачки меѓу учениците од македонска и албанска националност, наставниците и учениците од македонската настава, чувствувајќи се небезбедно, ја напуштија Гимназијата и неколку години наставата ја следеа во несоодветни објекти, во училиштето „Гоце Делчев“, како и во просториите на Работничкиот универзитет.

    Од учебната 2017/2018 наставата се одвива во двата објекта, кои иако еднаш беа реновирани. ни од далеку не ги задоволуваа потребите за современа настава.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира