Кинескиот премиер Ли Kијанг објави дека започнала изградбата на најголемата хидроелектрана во светот, што ќе се наоѓа на источниот раб на Тибетската Висорамнина. Се проценува дека ќе чини најмалку 170 милијарди долари.
Почнувањето на проектот, најамбициозниот на Кина од браната „Три клисури“ на Јангце, предизвика позитивна реакција на кинеските пазари, зголемувајќи ги цените на акциите и на приходите од обврзниците денеска.
Составена од пет каскадни хидроцентрали со капацитет за производство на 300 милијарди киловат-часови електрична енергија годишно, што е еднакво на количината на струја потрошена во Велика Британија минатата година, браната ќе биде лоцирана во долниот тек на Јарлунг Зангбо. Дел од реката се спушта 2.000 метри во распон од 50 километри, нудејќи огромен хидроенергетски потенцијал.
Индија и Бангладеш веќе изразија загриженост за нејзиното можно влијание врз милионите луѓе низводно, додека невладини организации предупредија за ризикот за еден од најбогатите и најразновидни екосистеми на висорамнината.
Пекинг изјави дека браната ќе помогне да се задоволи побарувачката за електрична енергија во Тибет и остатокот од Кина без да има голем ефект врз снабдувањето со вода низводно или врз животната средина. Се очекува изградбата да трае десетина години и хидроелектраната да почне со работа во следната деценија.
Кинескиот премиер ја опиша браната како „проект на векот“ и рече дека „посебен акцент мора да се стави на заштитата на животната средина за да се спречи еколошка штета“.