Две жени се меѓу 44 кандидати кои конкурирале на огласот за привремено ангажирање на пожарникари во Куманово. На конкурсот кој го распишаа Општина Куманово и Центарот за вработување се бараат 30 невработени лица за заштита и превенција од пожари и заштита и оплеменување на животната средина на локално ниво – пошумување.
Раководителот на Центарот за вработување Куманово, Ндерим Јашари, вели дека од прв ден имало интерес за мерката, и уште во првиот рок биле пријавени триесетина лица. Огласот заврши денеска, а беше продолжен уште за седум дена поради слабиот интерес во некои од регионите.
„Пријавени се 44 кандидати од сите генерации. Аплицираа и две жени кои ги исполнуваат условите и ние ги примивме документите, бидејќи во огласот немаше ограничување кој може да конкурира. Сите пријави ќе бидат пратени во Агенцијата за вработување во Скопје, и таму во соработка со Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и Противпожарниот сојуз на Македонија (ПСМ) ќе се направи селекција и избор на кандидатите“, вели Јашари.
Избраните кандидати ќе поминат обука која ќе ја организира ПСМ за користење на противпожарна опрема и вештини за справување и превенција од пожари. Само кандидатите кои успешно ќе ја завршат ќе добијат потврда за работа. Пожарникарите ќе бидат ангажирани согласно потребите на ДЗС најмногу 5 месеци, за месечен надоместок од 24.000 денари, со вклучено осигурување за инвалидитет и телесно оштетување при повреда на работа и професионална болест и данок на личен доход. Најдобрите ќе бидат вработени за стално.
Право да се пријават имаа само активни баратели на работа, кои се здрави и психофизички способни, не боледуваат од кардиоваскуларни и белодробни заболувања, епилепсија и дијабет. Да се на возраст до 55 години.
Владата најави дека ќе се вработат 400 пожарникари, за справување со пожарите во летниот период.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов денеска рече дека на огласот за привремени пожарникари се пријавиле 500 кандидати. Во Скопје бројката е мала односно пријавени се само 50 лица, а се бараа 80.
С. НИКОЛИЌ