ДВАЈЦА ВЕЛОСИПЕДИСТИ ОД ИСЛАНД БИЛЕ УДРЕНИ ОД КОЛА ДОДЕКА СЕ ПОДГОТВУВАЛЕ ЗА НАСТАП НА МЛАДИНСКАТА ОЛИМПИЈАДА

    ДВАЈЦА ВЕЛОСИПЕДИСТИ ОД ИСЛАНД БИЛЕ УДРЕНИ ОД КОЛА ДОДЕКА СЕ ПОДГОТВУВАЛЕ ЗА НАСТАП НА МЛАДИНСКАТА ОЛИМПИЈАДАВо Скопје и Куманово оваа недела се одржува Европскиот младински олимписки фестивал. (Фото: ЕМОФ)

    Двајца велосипедисти од Исланд, кои учествуваат на Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ) во Македонија, вчера се повредени на регионалниот пат Куманово-Свети Николе, во селото Зубовце, откако во нив удрил автомобил. Малолетните велосипедисти, биле повредени додека се подготвувале за денешната велосипедска трка што се одржува на улиците во Куманово.

    „Во 12.09 часот било пријавено дека на регионалниот пат Куманово-Свети Николе, атар на село Зубовце, Кумановско, патничко возило ‘фолксваген пасат‘ со кумановски регистарски ознаки, управувано од Н. Б. (42) од Куманово, удрило во двајца малолетни велосипедисти од Исланд. Во незгодата со телесни повреди се здобиле двајцата велосипедисти, констатирани во Општа болница Куманово. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Куманово. Се работи за учесници на Европскиот Младински Олимписки Фестивал, кој се одржува во Македонија и кои на сопствена иницијатива се подготвувале за денешната велосипедска трка, движејќи се по регионалниот пат Куманово – Свети Николе, кој пат не е во агендата за тренинг, во временски период од 10.00 до 13.00 часот. Од страна на полицијата е обезбедена траса на движење за тренинг од пред ресторан Фемили во населба Карпош по стар пат за Крива Паланка, потоа на местото викано Света Петка лево по регионален пат Куманово до граничен премин Пелинце до меморијален центар АСНОМ, на оваа делница сообраќајот за возила и пешаци во вррменскиот период беше во целост блокиран“, соопшти МВР.

    Од Кумановската болница велат дека децата имаат лесни повреди, главно гребнатинки, и откако се прегледани и пружена им е помош, пуштени се во хотелот каде се сместни.

    „Вчера се примени двајца повредени велосипедисти на кои им е направена целосна опсервација. Едното од децата имало гребнатинки по рацете и нозете, и тоа веднаш е пуштено. Додека другото имало гребнатинки по лицето, поради што е задржано во текот на ноќта, и тоа утринава си заминало“, изјави Сашо Стошевски, директор на Кумановската болница.

    Од на Организацискиот комитет на ЕМОФ Скопје 2025 соопштија дека исландската делегација во изјава до комитетот изразила жалење за инцидентот.

    „Жалиме за ненамерниот инцидент што се случи надвор од официјалната тренинг патека на ЕМОФ. Благодарни сме што двајцата велосипедисти се во добра здравствена состојба. Благодарност до организаторите и медицинскиот тим за нивната брза реакција и поддршка. Ќе соработуваме целосно со сите релевантни институции за да се расветли случајот и да се осигураме дека сите активности продолжуваат во духот на спортот, одговорноста и безбедноста“, се вели во изјавата на исландската делегација.

    Организаторите на трката велат дека децата се чувствуваат добро, но денеска не се натпреварувале. Тие вчера надвор од предвидената рута отишле да возат кон Свети Николе, и додека се враќале назад се случила несреќата. Неофицијално, возачот ги турнал откако избегнал судир со камион кој преминал во неговата лента.

    Во Куманово денеска се одржува друмска велосипедска трка во која учествуваат околу 170 учесници, и е дел од Европскиот младински олимписки фестивал, кој оваа година се одржуваат во земјава.

    Европскиот младински олимписки фестивал, што се одржува во Скопје и Куманово, трае до 26 јули и обединува повеќе од 4.000 спортисти на возраст од 14 до 18 години од 50 држави. Тие се натпреваруваат во 15 спортови: атлетика, пливање, гимнастика, џудо, велосипедизам, планински велосипедизам, ракомет, одбојка, баскет 3х3, бадминтон, стрелаштво, кајак, теквондо и пинг-понг. Влезот за сите настани е слободен.

    С.НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира