Камбоџа повика на моментален прекин на огнот со Тајланд, откако пограничните борби, во кои загинаа повеќе од 30 луѓе, влегоа во третиот ден. Камбоџанскиот амбасадор во Обединетите нации Чеа Као кажа дека неговата земја бара безусловно примирје и мирно решавање на спорот.
Тајланд досега не одговорил на ова, но претходно ја отфрли можноста за посредување од трета страна и прогласи воена состојба во осум окрузи на границата со Камбоџа.
Во двете земји досега загинале најмалку 32 цивили и војници, а речиси 200.000 луѓе се раселени. Тие меѓусебно се обвинуваат кој прв запукал во четвртокот.
Тајландската војска денеска објави дека Камбоџанците почнале напади во нова област на југот, но биле одбиени. Привремениот тајландски премиер Фумтам Вечајачаи предупреди дека судирот би можел да прерасне во војна. Тој додаде дека во борбите се користи тешка артилерија и дека тие се прошириле на 12 локации долж границата.
Тајланд вели дека судирите започнале откако камбоџанската војска распоредила дронови за надзор на тајландските трупи во близина на границата. Камбоџа, пак, обвини дека тајландските војници го започнале конфликтот кога прекршиле договор со напредување кон храм во близина на границата.
Спорот помеѓу двете земји е стар повеќе од 100 години, откако границите на двете нации биле исцртани по француската окупација на Камбоџа. Низ годините имало спорадични судири во кои биле убиени војници и цивили од двете страни.