На 52. седница на Советот на Општина Тетово беа усвоени ребаланс на буџетот и Развојна програма на Општината за периодот 2025-2027 година. Со ребалансот ќе се финансираат добиените проекти од вториот повик на Владата од „унгарскиот кредит“, додека со Развојната програма, односно со средства обезбедени само од
Општината и од донации се предвидува довршување и изградба на неколку капитални проекти, меѓу кои и изградба на нова општинска зграда, која ќе биде лоцирана веднаш до постојната.
Како што вели градоначалникот Билал Касами, обезбедените средства се резултат на исклучително добрата реализација на буџетот на Општината, односно собраните општински даноци.
„Со гордост можам да кажам дека Општина Тетово е меѓу ретките општини која има највисока реализација на буџетот. Согласно тоа и согласно законот, а во координација со Министерството за финансии, со овој ребаланс е предвидено проширување на буџетот на Општина
Тетово за околу 3 милиони евра. Поголемиот дел од проектите ќе се реализираат се средствата предвидени од Владата, а дел ќе се финансира од самиот буџет на Општина Тетово, бидејќи износот за некои проекти е повисок од одобрените средства, па ќе мора да додадеме пари“, изјави Касами.
Со денеска усвоената Развојна програма на Општината за периодот 2025-2027 се предвидува изградба на неколку капитални објекти, меѓу кои е и нова општинска зграда.
„Надвор од проектите финансирани од Владата од таканаречениот унгарски кредит, преку донесената Развојна програма на Општината се предвидува да се заврши изградбата на булеварот Видое Смилевски-Бато и дел од патната инфраструктура во селата Џепчиште и Голема Речица, а еден од поголемите проекти е изградба на уште една општинска зграда на локацијата до постојната зграда, за да се обезбеди доволно простор за општинската администрација“, изјави Касами.
Што се однесува до реализацијата на проектите од првата транша од „унгарскиот кредит“, Касами вели дека таа се одвива добро, но со мали потешкотии.
„Проектот за дистрибутивната водоводна мрежа во населбата Вонвардарска е при крај, а започнати се работите и во делот на водоводната мрежа, односно главниот цевковод за снабдување на градот со вода за пиење. Што се однесува до изградбата на нова зграда на средното училиште ‘Ѓоце Стојчевски‘, таа доцни поради жалби во тендерската процедура. Но, таа работа веќе е завршена, а избраниот оператор е излезен на терен и ги врши подготвителните работи и се надевам дека многу брзо би требало да започнат и градежните работи“, вели Касами.
З. АНДОНОВ