Во присуство на Јавниот обвинител на Македонија Љупчо Коцевски во Битола денеска беше отворен петтиот по ред Истражен центар на јавното обвинителство во државата. Вакви центри се отворени во ОЈО во Скопје, ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција-Скопје и во Обвинителствата во Куманово и Тетово.
„Резултатите од овој пристап се јасни и недвосмислени. Напредокот во нашата борба против сериозни облици на криминал и корупција е нотиран и во последниот извештај на Европската комисија за владеење на правото во нашата земја“, рече Коцевски, кој одби да одговара на други новинарски прашања поврзани со интерпелацијата која Собранието ја изгласа за него.
Центарот во Битола започнува со работа во просториите на Јавното обвинителство, на почеток ќе работи со двајца истражители, а потоа се очекува капацитетот да се зголеми.
„Јас долго време ја заговарав идејата за формирање на ваков Истражен центар бидејќи сметам дека само на овој начин со тимска соработка на органите на прогонот можеме да бидеме ефикасни во нашата функција, откривањето и гонењето на сторители на сериозни кривични дела. Започнува скромно со двајца истражители, но се надеваме дека ќе прераснеме во еден вистински Регионален истражен центар“, рече Оливера Нечаковска, раководителка на ОЈО Битола.
Таа посочи дека се во фаза на поврзување со базите на податоци на МВР, Агенцијата за катастар на недвижности, Централниот депозитар на хартии од вредност, Центалниот регистар што ќе овозможи нивно поефикасно и побрзо работење, а таквите податоци ќе можат да ги користат и другите обвинителства од Битолското апелациско подрачје.
Коцевски исткна дека Истражниот центар во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во Скопје располага со над 20 истражители и ја има една од најсовремените лаборатории за дигитална форензика во Регионот и опремен центар за анализа. Заклучно со јуни веќе постапувале во околу 430 предмети со преземени 1.065 истражни дејствија, меѓу кои и за пожарот во Кочани.
Во Истражниот центар при ОЈО Скопје има 9 истражители и уште 5 повлечени од МВР со наредба за работа на особено тешки и сложеи предмети. Во 2023 година постапувале во 287 предмети, а во 2024 дури 665 предмети, а во кои биле преземени 1.406 оперативни истражни дејства.
Коцевски очекува ваквиот нагорен тренд на работа да го следат и другите центри.
Ж. ЗДРАВКОВСКА