Мрежата за заштита од дискриминација со вознемиреност и огорченост реагира на начинот на кој се води процесот за избор на нов Народен правобранител, откако во четвртокот собраниската комисија за избори и именувања предводена од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, го изгласа за кандидат за Народен правобранител Фатон Селами, функционер во Алтернатива, партијата на Африм Гаши.
„Наместо оваа можност да се искористи за воспоставување доверлив и инклузивен изборен процес, сведочиме на продолжување на затворени и политички мотивирани практики. Дополнително загрижува фактот што кандидатот е предложен од координатор на пратеничка група во која членува и политичката партија со која истиот е поврзан, што уште повеќе го продлабочува сомнежот дека критериумите на стручност и независност се второстепени во процесот“, реагира Мрежата за антидискриминација.
И покрај реакцијата на оваа организација минатата недела, со која јавно укажа на отсуството на транспарентност и консултација со стручната јавност и граѓанското општество, се случи повторно да се фаворизираат кандидати со политичка поврзаност, додека оние со неспорна стручност, независност и искуство во заштита на човековите права, се вели во реакцијата, остануваат целосно игнорирани.
„Функцијата Народен правобранител е длабоко поврзана со довербата на граѓаните во институциите. Законот изречно пропишува дека таа е неспоива со членување во политичка партија, и тоа не само како формално ограничување туку како израз на неопходноста институцијата да биде независна, непристрасна и неподложна на партиски влијанија“, вели Мержата за недискриминација и со јавноста споделува докази-партиски документи каде името на Селами фигурира.
Според овие јавнодостапни информации, кандидатот за Омбудсман Селами се води како член на Централното претседателство и на Централното собрание на политичката партија Алтернатива, како и актуелен општински советник.
„Името сè уште му стои во партиската структура, што укажува не само на формално, туку и на суштинско политичко ангажирање. Без разлика дали ќе се повлече од овие позиции во текот на постапката, останува фактот дека јавноста со право го препознава како партиски кадар. Таа поврзаност остава трага врз кредибилитетот на изборниот процес и сериозно ја доведува во прашање независноста на институцијата. Дури и кога не постои формална партиска функција во моментот на избор, јавната перцепција за политичка поврзаност не може лесно да се избрише – особено кога станува збор за лице кое до неодамна било дел од раководни структури “, се вели во реакцијата.
Мрежата за заштита од дискриминација го повикува Собранието конечно да покаже зрелост и одговорност во оваа постапка и да го отвори процесот за кандидати кои не се поврзани со партии, туку со вредностите на правдата, со непристрасноста и човековите права.
„Изборот на Народен правобранител не смее да се води од логика на политичко балансирање, туку од потребата да се зајакне една од ретките институции што постојат за да ги заштитат граѓаните од можни злоупотреби на моќта. Она што ѝ е најпотребно на оваа институција е доверба од граѓаните, особено од оние кои секојдневно се борат со системска нееднаквост. Затоа, таа не смее да се третира како политички трофеј, туку како клучна линија на заштита на човековите права“, апелира оваа организација.