Во Хелсинки немало ниту еден смртен случај поврзан со сообраќајот изминатата година, соопштија градските власти. Во 2023 година имало 14 жртви.
Иако смртните случаи на патиштата се во опаѓање низ цела ЕУ, со намалување од 3 проценти во 2024 , несреќите со трагични исходи сѐ уште се вообичаени во големите градови. Да се помине цела година без сообраќајка со смртен случак е извонреден подвиг за повеќето градови – а камоли за европски главен град.
Во 2023 година, 7.807 Европејци ги загубија животите во сообраќајни несреќи во градовите на ЕУ. Педесет и пет лица загинаа во сообраќајни несреќи во Берлин минатата година, а девет лица ги загубија животите во судири во регионот на Брисел во текот на изминатите 12 месеци.
Иако Хелсинки е меѓу најмалите главни градови во ЕУ, со нешто помалку од 690.000 жители, околу 1,5 милиони луѓе живеат и патуваат низ градот.
Рони Утриаинен, сообраќаен инженер во Одделот за урбана средина на градот, изјави дека достигнувањето се должи на „многу фактори… но ограничувањата на брзината се едни од најважните“.
Повикувајќи се на податоци што покажуваат дека ризикот од смртност на пешаците е намален за половина со намалување на брзината на ударот на автомобилот од 40 на 30 километри на час, градските власти ја воведоа пониската граница во повеќето станбени области на Хелсинки и центарот на градот во 2021.
Ограничувањата беа спроведени со 70 нови камери за брзина и стратегија за полициско работење заснована на националната политика „Визија Нула“, со цел да се постигне нула повреди или смртни случаи во сообраќајот. Податоците собрани од Лиикеннетурва, финското тело за безбедност во сообраќајот, покажуваат дека смртните случаи во сообраќајот во Хелсинки оттогаш се намалуваат.
Властите на Хелсинки ги поминаа изминатите пет години обидувајќи се да го повторат чудото што го постигнаа за прв пат во 2019 , кога ниту еден пешак или велосипедист не загина во сообраќајни несреќи.
Во многу делови од градот, патиштата се стеснети и дрвја се засадени со цел да им се создаде непријатност на возачите – образложението е дека сложените урбани пејзажи ги принудуваат возачите да се движат повнимателно низ населените области.
Градот, исто така, инвестираше во нова пешачка и велосипедска инфраструктура, вклучувајќи сеопфатна мрежа од велосипедски патеки што се протегаат на повеќе од 1.500 километри. Ја зајакна својата мрежа за јавен превоз со декарбонизирани и автономни автобуси и доби пари од Европската инвестициска банка за нова трамвајска линија.