Премиерот Христијан Мицкоски го осуди ксенофобичното скандирање на натпреварот меѓу кошаркарските репрезентации на Македонија и Романија во Куманово на 2 август. Мицкоски кажа дека скандирањето било од неколкумина навивачи кои што не наишле на поддршка од страна на останатите присутни во салата.
„Во текот на вчерашниот ден домаќинот, а тоа беше Кошаркарската федерација исто така и Општина Куманово го осудија скандирањето и ксенофобичните испади на неколкумина во салата, искрен да бидам додека бев таму, воопшто и не го забележав тоа, бидејќи стануваше збор за мала група на луѓе. Но, исто така еве би сакал да ја искористам оваа прилика да се приклучам кон осудата на национализмот и ксенофобијата, најпрвин на таа што се случи за време на кошаркарскиот натпревар помеѓу Македонија и Романија, а потоа и да упатам порака до сите навивачки групи да навиваат спортски, да го бодрат својот тим и националниот тим на Македонија. Тоа е она кое што оваа Влада го поддржува, а сето останато ќе биде предмет на истрага и предмет на санкции, без разлика од која страна доаѓа“, вели Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање на поставувањето камен темелник на нова спортска сала во Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ Скопје..
Основното јавно обвинителство од Куманово отвори постапка и му издаде насоки на СВР Куманово за истражување на елементи на кривично дело поврзано со скандирања со говор на омраза од страна на непознати лица. Инцидентот се случи за време на кошаркарскиот натпревар меѓу репрезентациите на Македонија и Романија, одигран на 2 август во Куманово.
Од Обвинителството велат дека е издадена и наредба за обезбедување на снимките од видео надзорот со цел да се идентификуваат сторителите.