Денеска во сила стапија новите царини што Доналд Трамп ги воведе за десетици трговски партнери. Македонија се најде во најголемата група земји на кои им се воведени царини од 15%, заедно со Исланд, Израел, Јапонија, Нов Зеланд, Норвешка, Јужна Кореја, Турција, Венецуела и други.
„Полноќ е! Милијарди долари од царини сега влегуваат во САД“, напиша Трамп на својата социјална мрежа непосредно пред полноќ во Вашингтон.
Тој претходно се закани дека ќе ги зголеми царините за Индија на 50% ако не престане да купува руска нафта до 27 август и најави царини од 100% за увоз на чипови од странско производство, во обид да ги натера технолошките компании да инвестираат во САД.
Минатата недела, владата на Трамп објави ревидирана листа на царини за повеќе од 90 држави и го продолжи крајниот рок за постигнување трговски договор до 7 август. Земјите брзаат да склучат договори со Вашингтон за намалување или укинување на она што Трамп го нарекува реципрочни царини. Неговите трговски политики имаат за цел да го преобликуваат глобалниот трговски систем, што тој го смета неправеден кон САД.
Меѓу земјите кои најлошо поминаа се Бразил со царини од 50% и Швајцарија со 39%. Стоките од сите други земји кои не беа наведени во последната извршна наредба на Трамп ќе се царинат со 10%. Кина и Мексико не се соочија со нови царини зашто се среде трговски преговори со САД, додека Трамп претходно склучи договор со Европска Унија со царини од 15%.