Професорката по англиски јазик и првенец на првата генерација дипломци на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Ивана Биџовска, е нова директорка на Националната установа (НУ) Универзитетска библиотека „Гоце Делчев“, избрана на конкурс со мандат од 4 години. Биџовска, која е и лиценцирана преведувачка и толкувач, 6-7 години работела во повеќе училишта во Штип само со договор на дело.
„Имам план и програма за работа и се надевам дека ќе ги реализирам, а тоа се натамошно унапредување на библиотекарската дејност, нејзино осовременување и дигитализирање на библиотечниот фонд кој во оваа установа е мошне обемен и е со долга и богата традиција, потоа ќе се работи на натамошно негување и проширување на веќе востановеното Роднокрајно одделение, ќе се реализираат активности во рамките на зимска и летна школа, како и на подобрување на условите за читателската публика, нејиното омасовување и приближување на читалните до членовите од кои најголемиот дел се од образованието, основци, средношколци и студенти“, вели Биџовска.
За период од три децении, Универзитетска библиотека „Гоце Делчев“ имала 18 директори од кои половината биле само вршители на должноста со еден мандат од шест месеци. Само во период од 2022 до 2025 се смениле пет директори. Најдолго на оваа функција бил еден од првите директори во време кога била изградена новата зграда, Трајче Пиков со мандат од 1966 до 1992 година.
Т. ЈОВАНОВСКИ