Во последниот извештај за состојбата со човековите права во Северна Македонија, американскиот Стејт департмент вели дека нема значителни промени во споредба со минатото, но посочува дека сериозните ограничувања на слободата на изразување и медиумите, вклучувајќи насилство и закани кон новинари, остануваат значаен проблем.
Според извештајот за 2024 година, иако Уставот ја гарантира слободата на изразување, таа е поткопана од неколку фактори. Медиумските здруженија и граѓанските организации укажуваат на зголемениот број стратешки тужби против новинари (т.н. SLAPP тужби), несоодветното однесување на јавните функционери во комуникацијата со медиумските работници, како и несоодветниот притисок врз новинарите кои истражуваат корупција.
Како значајно прашање се издвојуваат насилството и заканите врз новинарите. Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) регистрирало повеќе инциденти, со забележителен пораст на насилството и вознемирувањето врз новинарките. Конкретно се споменува случајот со новинарката Лепа Џундева, која пријавила смртни закани и кампања на говор на омраза по едно интервју со грчки функционер. Исто така, се наведува и физичкиот напад врз новинарот Фуркан Салиу во март, за кој е покренато обвинение против полициски службеник.
Во извештајот се цитира и „Репортери без граници“, кои оценуваат дека поради силната политичка поларизација, медиумите се под притисок од властите, политичарите и бизнисмените. Се наведува дека двете најголеми политички партии создале паралелни медиумски системи врз кои вршат политичко и економско влијание, додека на јавниот сервис му недостасува уредничка и финансиска независност.
Стејт департментот ги нотира и измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со кои се овозможи владино рекламирање во комерцијалните медиуми за кампањи од „висок јавен интерес“. Независните медиумски здруженија изразија загриженост дека ова претставува враќање кон корупција и клиентелизам во медиумите.
И покрај овие предизвици, во извештајот се наведува дека Владата презела кредибилни чекори за да ги идентификува и казни функционерите кои извршиле повреди на човековите права.