Најдоцна до утре ќе биде пуштена во функција клучката кај Подмоље на автопатот Кичево-Охрид, а ќе биде испочитуван и најавениот рок за завршување на авопатот, а тоа е крајот на 2026 година, кажаа на денешниот увид на градежните работи премиерот Христијан Мицкоски, министерот за транспорт Александар Николоски, директорот на ЈП за Државни патишта Коце Трајановски и градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.
„Од Климештани до Охрид активно се работи скоро на секој метар, има многу механизација, изведувачи и подизведувачи, сите сплотени за да може оваа делница да ја пуштиме што поскоро. Се работи натпатник кај ‘Св. Еразмо’ и почна да се асфалтира, потоа Подмоље натпатник, почна бетонски греди да се бетонираат. Се работи на пристапни патишта на Подмоље, Орвник и Горенци, без нив овој пат нема да се пушти. Тие ќе се вклучуваат и исклучуваат на клучката кај Аеродромот“, кажа Трајановски.
Министерот за транспорт Николоски рече дека се решени имотно-правните односи и сите останати административни работи кај клучката Подмоље.
„Денес решаваме уште еден горлив проблем во изградбата на автопатот Кичево-Охрид, а тоа е пуштањето во употреба на клучката Подмоље, клучка која ги спојувува Охрид и Струга, но и Албанија и Македонија. Приоритет е завршување на пристапните патишта од Климештани до Охрид. Овој пат беше испроектиран без ниту еден излез и беше пат на кој не беше превиден ни еден потпатник, а сега има 16“, вели Николоски.
Според него. ќе нема село или населено место од овој потег кое нема да е споено директно на автопат или со пристапен пат до најблиската точка каде може да се приклучи.
Премиерот Христијан Мицкоски по увидот нагласи дека на деловите од автопатот каде има свлечишта се работат проекти за стабилизирање на земјиштето, за да може цела траса да биде пуштена и завршена.
„Неколку километри кај Ботун и оние километри што го поврзуваат тунелот кај Врбјани со Кичево, очекувам и тоа да се заврши и од есен да се работи и на стабилизација на тоа земјиште“, вели Мицкоски.
Одговарајќи на новинарско прашање за изградбата на колекторскиот систем во Трпејца во близина на Охрид, рече дека активностите започнуваат од овој месец.
„Во втората половина на август веќе се воведува фирмата изведувач во работа. Проектот за колекторски систем во Трпејца е поделен во две фази. Според моите информации, првата фаза е пречистителната станица и делови од двата цевководи – потисниот и одводниот. Потоа, имаме препумпна станица и останатиот дел од овие два цевковода, во втората фаза. Така што, даденото ветување за трпејчани ќе биде реализирано“, рече Мицкоски.
С. ВРЕНЦОВСКА