Зорица Велковска е именувана за национална претставничка во Управниот одбор на Еуримаж, фондот на Советот на Европа за поддршка на копродукција, дистрибуција и прикажување на европски филмови, соопшти Агенцијата за филм. Управниот одбор е составен од националните претставници на сите земји-членки на Еуримаж.
Велковска е културен стратег, советничка за културна политика и меѓународна соработка и коосновачка на Центарот за социјални иновации БЛИНК 42-21, со повеќе од 15 години професионално искуство во културниот и аудиовизуелниот сектор.
„Во својата кариера, Велковска учествувала во значајни национални продукции како ‘5плус’ и ‘Преспав’, била национална координаторка на проектот Европски филмски предизвик, како и активен учесник во бројни иницијативи финансирани преку Креативна Европа и меѓународни копродукции. Како национална претставничка во Еуримаж, таа ќе придонесе за унапредување на позицијата на македонската филмска индустрија во европскиот и светскиот контекст, зајакнување на меѓународната копродукција и промовирање на принципите на инклузивност, одржливост и креативна соработка“, велат од Агенцијата.
Во периодот 2018 до пролетта 2025, македонска национална претставничка во Еуримаж беше професорката Татјана Ќурчинска-Пепељугоска, реномиран филмски професионалец и сопственичка на некогаш најголемата дистрибутерска куќа „Манаки филм“. Таа во 2023 беше прва македонска членка на Извршниот комитет на Еуримаж, што стартуваше како ново тело со реформата на Фондот од 2022. Извршниот комитет е составен од една третина земји-членки на Фондот. Постојани членки на Извршниот комитет се претставниците на Германија, Франција и Италија. Мандатот на членовите на Извршниот комитет е една година.
Национален претставник во Еуримаж пред Ќурчинска-Пепељугоска, беше Мими Ѓоргоска-Илиевска, која претходно беше директорка на Кинотеката на Македонија и на Агенцијата за филм.
Македонија е членка на Еуримаж од 2003 година, а во 2023, јубилејната 20-годишнина од македонското членство во овој паневропски фонд, земјава доби вкупно 775 илјади евра, доделени на „ДиЏеј Ахмет“ на Георги Унковски , „Човек против јато“ на Тамара Котевска и „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дина Дума. Во 2021 беа поддржани „Кајмак“ на Милчо Mанчевски и „Најrсеќниот човек на светот“ на Теона Митевска. Годинава, во втората сесија за 2025, „Пролетно чистење“, дебитантскиот игран филм на Марија Апчевска, доби поддршка со 210.000 евра од Еуримаж.
Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на креативни кинематографски и аудиовизуелни дела Еуримаж од своето основање во 1989 до денес поддржал над 2.500 копродукциски проекти со вкупен буџет од над 700 милиони евра.