Доналд Трамп и Владимир Путин пристигнаа на Алјаска за историски самит кој би можел да влијае врз натамошниот тек на војната во Украина. Тие прошетаа по црвениот тепих што ги поврза двата авиона и се сретнаа на средината на пистата. Таму се поздравија, разменија љубезни зборови и насмевки и им позираа на фоторепортерите, но ги игнорираа новинарските прашања. Потоа заминаа со ист автомобил на средбата што ја исчекува цел свет.
Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, изјави дека разговорите во воздушната база „Елмендорф-Ричардсон“ би можеле да траат шест-седум часа. Иако беше најавено дека двајцата лидери прво ќе разговараат еден на еден, од Белата куќа кажаа дека во просторијата ќе бидат и државниот секретар Марко Рубио и специјалниот пратеник Стив Виткоф. Путин ќе го придружуваат министерот за надворешни работи Сергеј Лавров и советникот за надворешна политика Јури Ушаков.
Летајќи кон Енкориџ, Трамп им кажа на новинарите дека нема да биде среќен ако не договори примирје во Украина.
„Сакам брз прекин на огнот помеѓу Русија и Украина. Не знам дали ќе се договори денеска, но нема да бидам среќен ако тоа не се случи денеска. Ова нема врска со Европа. Таа не ми кажува што да правам, но Европејците ќе бидат вклучени во процесот, исто и Зеленски“, рече Трамп.
Тој се надева дека од денешната средба ќе произлезе втор, уште поважен самит, на кој би присуствувале и Зеленски и некои европски лидери.
Путин е првиот руски претседател кој ја посетил Алјаска, територија што Русија ја продала на Америка во 1867 година за 7,2 милиони долари. Ова е негово осмо патување во САД, но прво од 2015, кога се сретна со Барак Обама во Њујорк.