Владимир Путин побарал од Украина целосно да се повлече од источните региони Доњецк и Луганск како услов за запирање на војната, објави „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на четири извори директно запознати со разговорите на самитот на Алјаска. Рускиот претседател му рекол на Доналд Трамп дека би го замрзнал остатокот на фронтот ако му се исполни ова основно барање.
Трамп им ја пренесол оваа порака на Володимир Зеленски и европските лидери со кои разговараше денеска, при што ги повикал да се откажат од напорите да обезбедат прекин на огнот од Русија.
Во замена за Луганск и Доњецк, кои го сочинуваат регионот Донбас, Путин би го замрзнал фронтот во Херсон и Запорожје, објави „Фајненшл тајмс“. Ова се четирите региони кои Путин незаконски ги анектираше уште во 2022 и ги смета за дел од Русија, иако засега не ги контролира во целост. Руската војска има освоено околу 70% од Доњецк, што не ги опфаќа некои од најголемите градови во овој регион.
Во интервју за „Фокс њуз“ по самитот, Трамп навести дека со Путин разговарале за размена на територија и за безбедносни гаранции за Украина и дека „во голема мера се согласиле“. Трамп кажа дека Украина би требала да склучи договор за крај на војната зашто „Русија е многу голема сила, а таа не е“.