ГРАЃАНСКИТЕ ИНИЦИЈАТИВИ ЌЕ МОЖЕ ДА УЧЕСТВУВААТ НА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ СО СОБРАНИ 2 ПОТПИСA, ОДЛУЧИ ДИК

    ГРАЃАНСКИТЕ ИНИЦИЈАТИВИ ЌЕ МОЖЕ ДА УЧЕСТВУВААТ НА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ СО СОБРАНИ 2 ПОТПИСA, ОДЛУЧИ ДИКСобирањето потписи започнува десетиот ден од распишување на изборите и трае 15 дена; - Од преставувањето на Билјана Ивановска за кандидатка за градоначалничка на Општина Центар поддржана од „Независни заедно“. (Фото: К. Попов)

    Само со два потписa граѓанските иницијативи ќе можат да учествуваат на престојните Локални избори. Ова е одлучено на денешната седница на Државната изборна комисија (ДИК) која донесе Правилник за регулирање на постапка за собирање потписи за поддршка на кандидатски листи поднесени од група избирачи и за начинот на определување на нотарите за Локалните избори 2025 година. Правилникот ќе важи само за овие избори.

    Овој Правилник, како што кажаа од Државната изборна комисија, се носи поради тоа што не постои законска регулатива за листи од група избирачи откако Собранието не успеа да ги донесе измените на Изборниот законик со кои требаше да се утврди бројот на потребни потписи. Претходно, во мај годинава, Уставниот суд ги укина членовите 17 и 18 од измените во Изборниот законик донесени на 7 март 2024, со кои партиите од власта и опозицијата здружено го зголемија прагот за потребни потписи на 1 отсто од регистрираното гласачко тело во изборна единица.

    „Врз основа на член 63 став 3, собирањето на потписи започнува десетиот ден од распишување на изборите и трае 15 дена. Кога подносител на листа за членови за Совет односно листата за кандидат за градоначалник е група избирачи, потребно е предлогот на кандидатската листа да го потврдат пред подрачните одделенија или регионални канцеларии на ДИК со важечки документ за лична идентификација со адреса на живеење во општината за која се поднесува листата. На пропишан образец треба да бидат потпишани најмалку двајца избирачи“, го образложи Правилникот членот на ДИК Александар Даштески.

    Претседателот на ДИК Борис Кондарко рече дека не се согласува со вака предложениот Правилник бидејќи смета дека без потписи граѓанските иницијативи треба да учествуваат на изборите, но сепак бидејќи станува збор за симболична бројка ќе го поддржи.

    „ДИК нема право да ги сопре или одложи изборните дејства поради состојбата во која, не по своја вина, се најде. Собранието во два наврати не успеа да го регулира бројот на потребни потписи за листи на група избирачи. Сметам дека не треба да се собираат потписи, со Правилникот се бара два. Бидејќи тоа не менува ништо ќе го дадам својот глас за овој Правилник. Во интерес на успешно спроведување на изборите и во интерес на јавноста го носиме овој Правилник“, рече Кондарко.

    Правилникот беше изгласан со шест гласа „за“ и еден против.

    Според роковникот на ДИК, Листите на кандидат/и се доставуваат најдоцна на 13 септември, до 24:00 часот – 35 дена пред денот на одржување на изборите.

    Правиот круг на локалните избори ќе се одржи на 19 октомври, а вториот круг на 2 ноември.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира