Американскиот претседател Доналд Трамп вчера се нарече себеси „воен херој“ поради тоа што одобри воздушни напади врз иранските нуклеарни објекти. Во радиоемисијата на конзервативниот водител Марк Левин, Трамп рече дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху е „воен херој затоа што работевме заедно“.
„Тој е воен херој. Претпоставувам дека и јас сум“, рече Трамп. „Никому не му е гајле. Но, и јас сум. Мислам, јас ги испратив тие авиони“.
Се чинеше дека претседателот се осврнува на нападот што го нареди врз подземните нуклеарни објекти на Иран во јуни, во обид да ја уништи нуклеарната програма на Техеран.
Нетанјаху е предмет на потерница од Меѓународниот кривичен суд од ноември лани, за наводни воени злосторства во Газа. Повеќе од 60.000 Палестинци се убиени во опколената крајбрежна енклава за време на офанзивата на израелската војска, која започна по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023, во кој загинаа околу 1.200 луѓе.
Трамп никогаш не се борел во вистинска војна, ниту служел војска. Тој добил пет одложувања од регрутацијата за војната во Виетнам, меѓу кои и медицинско ослободување по дијагноза на коскени израстоци на петиците кога имал 22 години.
Во 2015, Трамп се најде на насловните страници кога тврдеше дека републиканскиот сенатор од Аризона, Џон Мекејн, кој поминал повеќе од пет години како воен заробеник во Северен Виетнам, „не е воен херој“ затоа што „ги сакам луѓето кои не биле заробени“. А во 2020, „Атлантик“ објави дека Трамп приватно ги омаловажувал мртвите војници, нарекувајќи ги „губитници“ и „наивци“, обвинувања што тој енергично ги негираше.