БИТОЛЧАНКИТЕ НА ЈАВНИ ФУНКЦИИ СЕ  МАЛТРЕТИРАНИ ОТИ СЕ ЖЕНИ, НО РЕТКО ПРИЈАВУВААТ ЗАШТО НЕ ИМ ВЕРУВААТ НА ИНСТИТУЦИИТЕ, ПОКАЖА НОВО ИСТРАЖУВАЊЕ

    БИТОЛЧАНКИТЕ НА ЈАВНИ ФУНКЦИИ СЕ  МАЛТРЕТИРАНИ ОТИ СЕ ЖЕНИ, НО РЕТКО ПРИЈАВУВААТ ЗАШТО НЕ ИМ ВЕРУВААТ НА ИНСТИТУЦИИТЕ, ПОКАЖА НОВО ИСТРАЖУВАЊЕОд вкупно 10 пријавени случаи, само 3 резултирале со санкција - во едниот лицето добило условна казна затвор до три месеци ако го повтори делото во рок од три години, но пресудата уште не е правосилна, а во другите два случи се работи за опомена од МВР и од директор, вели истражувањето. (Фото: СДК.МК)

    Жените на јавни функции во Битола се соочуваат со родово нетрпеливо однесување. Дури 43 од 50 анкетирани жени на функции или вклучени во јавниот живот потврдиле вакви искуства, но 10 ги пријавиле, а само во три од случаите имало санкции, покажа истражувањето на здружението „Журналист“ од Битола.

    „Загрижува податокот дека жените на јавни позиции избегнуваат да пријават случаи на родова нетрпеливост поради недоверба во институциите и мислење дека нема да има ефект. Од вкупно 10 пријавени случаи, само 3 резултирале со санкција. Во едниот од трите случаи лицето добило условна казна затвор до три месеци доколку го повтори делото во рок од три години. Но, пресудата уште не е правосилна. Во другите два случи, се работи за опомена од МВР и од директор“, велат од „Журналист“.

    Истражувањето покажа дека родовата нетрпеливост влијае врз психичка состојба и здравјето на жените, им ја намалува продуктивноста во работата, но не и мотивацијата да останат на раководни позиции. Тоа го потврди и квантитативната анализа на 149 раководни места во градот, од кои 77 ги водат жени, а 72 мажи.

    Од испитаничките, 60 отсто одговориле дека доживеале говор на омраза и навреди на социјалните мрежи. На 44 проценти им била потценета стручноста во нивниот кариерен развој, а на 38 отсто им биле упатувани сексуални коментари. Најчесто родовата нетрпеливост била изразена преку вербални напади, но биле евидентирани и три слуачи на физички напад.

    „Истражувањето покажа дека родовата нетрпеливост изразена преку закани или говор на омраза и напади на социјалните мрежи предизвикува психички стрес кај 58 проценти од анкетираните. Но, и 9 жени побарале лекарска помош. Кај 36 проценти им била намалена продуктивноста на работните места“, велат од „Журналист“.

    За подобрување на состојбата, жените предлагаат донесување строги закони против дискриминација и сексуално вознемирување, со реални санкции за прекршителите. Јавно зборување за нападите, пријава на секој обид за насилство и онлајн малтретирање. Создавање на безбедни и доверливи механизми за пријава, независни од институционалната хиерархија и од лични или семејни врски. Пријавите да не смеат да завршат кај лица што се директно или индиректно поврзани со насилникот.

    Истражувањето беше спроведено во мај, јуни и јули 2025, а финансиски поддржано од Општина Битола.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира