Во тек е десеттата археолошка кампања на локалитетот Врбјанска Чука, Прилепско, која е резултат на континуираната соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата и Завод и Музеј – Прилеп. Како што велат од Центарот, целта на ова мултидисциплинарно истражување, во кое се вклучени и бројни европски институции, е темелно разбирање на неолитската населба на локалитетот и неговото подоцнежно функционирање во антиката и средниот век.
Од Центарот за истражување на предисторијата соопштија дека во текот на овогодишното истражување кое се реализира во август, проучувањата се насочени кон прецизно дефинирање на една од масивните неолитски градби импресивна со своите димензии, но исто така и со архитектонските обележја и материјалната култура откриени во неа.
„Станува збор за комплексна градба која има долготрајно користење, потврдено преку повеќето обновувања во рамки на нејзиниот габарит. Во неа присутни се неколку глинени структури (сандаци), извонредно сочуван компактен под, како и неколку садови сликани со импресивни орнаменти карактеристични за Пелагонија. Интересно е што дел од овие садови имаат сликање досега единствено познато во Источна Македонија и дополнително ја потврдува комуникацијата и трговијата меѓу овие два региона во неолитот. Покрај садовите, во рамки на овој објект, но и во неговата околина, откриени се и бројни остатоци од фигурини, антропоморфни модели на куќи, жртвеници, камени секири, кремени алатки, кугли за праќа итн.“, соопштија од Центарот за истражување на предисторијата.
Паралелно со археолошките ископувања, се вршат и археоботанички анализи со стручњаци од Германскиот археолошки институт и Универзитетот во Белград, а во теренската работа учествуваат и студенти од Универзитетот во Базел, Универзитетот „Гоце Делчев“ и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Како резултат на оваа плодна децениска соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата, Завод и музеј – Прилеп и бројни европски универзитети, во септември ќе се реализира јубилејна изложба во прилепскиот Завод и музеј, а во која ќе се претстават досегашните сознанија за археолошкиот локалитет Врбјанска Чука.
Ж. ЗДРАВКОВСКА