Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини на Електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР) објави нов Предлог-закон за рударство, кој веднаш стана еден од најкоментираните на платформата, а речиси сите коментари се со оценка дека се работи за штетно законско решение кое оди во прилог на рударската индустрија, а на штета на животната средина.
Според јавно достапните коментари, иако законот содржи термини за заштита на животната средина, неговата главна цел е да ги олесни и забрза рударските операции, со што се создаваат ризици за екосистемите и водните ресурси.
Најголема загриженост предизвикува воведувањето на категоријата „Стратешки проекти“ за минерални суровини, со што овие проекти добиваат статус од „национално значење“ и се сметаат за проекти од „преовладувачки јавен интерес“. Според критичарите, ова е правен механизам со кој може да се заобиколат клучните закони за животна средина, бидејќи економската важност на проектот може да се стави над заштитата на шумите, реките или други заштитени подрачја. Постапката за издавање дозволи за овие проекти е драстично скратена на само 15 месеци, што го ограничува времето за соодветна еколошка проценка и јавна консултација.
Дополнително, законот навидум забранува употреба на цијаниди за лужење во рудници со отворен коп, но веднаш во следниот став се наведува дека забраната не се однесува на веќе постојните рудници. Со оваа одредба, според коментарите, се овозможува постојните оператори да продолжат со користење на оваа технологија, што претставува постојана закана за животната средина.
Критиките се насочени и кон принципот „одобрување преку молчење“. Имено, кога Владата бара мислење од институции како Министерството за животна средина или локалните општини за нова концесија, доколку тие не одговорат во предвидениот рок, ќе се смета дека дале позитивно мислење. Ова, според граѓаните, е административна замка со која практично се замолчуваат локалните заедници и стручните тела кои имаат најмногу што да изгубат.
Во однос на казните, предвидена е глоба од 50.000 до 250.000 евра за компанија која врши експлоатација надвор од доделеното поле. За проекти вредни стотици милиони евра, критичарите сметаат дека ваквите казни не се вистинска санкција, туку мал деловен трошок.
Законот предвидува и рударските компании да обезбедат финансиска гаранција за чистење на земјиштето по затворањето на рудникот. Сепак, опасноста лежи во тоа што гаранцијата се пресметува врз основа на проценка на веројатните влијанија, а не на најлошите можни сценарија, како што е уривање на брана од хидројаловиште. Во таков случај, трошоците за санирање на катастрофата би можеле да ја надминат гаранцијата, оставајќи товарот за чистење на даночните обврзници.
Од Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини на граѓаните им одговараат дека нивните коментари ќе бидат разгледани.
Владата владата на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски на седница во 2014 донесе одлука да се издаваат концесии за проспекциски геолошки истражувања за металични минерални суровини речиси за цела источна Македонија. Во одлуката објавена во Службен весник на 30 септември, 2014 и потпишана од тогашниот вицепремиер Владимир Пешевски, стои дека Владата дозволува да се прават истражувања во дури 22 општини од Источна Македонија за да се откријат нови локалитети – перспективни за понатамошни детални геолошки истражувања како и за откривање на нови наоѓалишта на металични минерални суровини.