ИЗРАЕЛ ПОЧНА НОВА ОФАНЗИВА ЗА ОСВОЈУВАЊЕ НА ГРАДОТ ГАЗА

    ИЗРАЕЛ ПОЧНА НОВА ОФАНЗИВА ЗА ОСВОЈУВАЊЕ НА ГРАДОТ ГАЗАИзраелската армија кажа дека има намера да ги освои градот Газа и бегалските кампови во Ал-Маваси во централниот дел на Појасот Газа. (Фото: УПИ)

    Среде новите посреднички напори за постигнување прекин на огнот и ослободување на заложниците во Појасот Газа, Израел ја спроведува најавената офанзива врз градот Газа. Министерот за одбрана Израел Кац даде светло зелена за мобилизација на 60.000 резервисти и го одобри планот на израелската армија за освојување на градот Газа, објави портпаролот на Министерството за одбрана.

    Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, побара итен прекин на огнот во Газа. „Од клучно значење е“ да се спречат смртните случаи и уништувањето кои би ги предизвикала воената операција против Газа, рече Гутереш на маргините на конференција во Јапонија. Тој, исто така, го повика Израел да ја повлече својата одлука за проширување на „нелегалната“ изградба на населби на Западниот Брег.

    Израелската армија кажа дека има намера да ги освои градот Газа и бегалските кампови во Ал-Маваси во централниот дел на Појасот Газа. Портпарол на израелската армија рече дека новата фаза од борбата ќе вклучува „постепена, прецизна и целна операција во и околу Газа“, вклучувајќи некои области во кои претходно не биле распоредени трупи. Трупите тековно извршуваат напади во областите Зајтун и Џабалија. Началникот на армијата, Ејал Самир, на 17 август најави прелиминарно одобрување на „следната фаза“ од плановите за преземање на Газа. Армијата сега ќе ги „концентрира“ своите операции на градот со цел „решително“ да ја победи исламистичката терористичка организација Хамас, се вели во соопштението.

    Портпарол на војската рече дека се вложуваат напори за обезбедување безбедна евакуација на цивилното население. Исто така, треба да се обезбеди соодветно снабдување со хуманитарна помош. Постојат стравувања дека офанзивата дополнително ќе ја влоши веќе катастрофалната состојба на цивилното население во Појасот Газа. Од почетокот на војната во Газа, пред речиси две години, речиси сите два милиона жители на крајбрежниот појас станаа внатрешно раселени лица. Повеќе од 70 проценти од куќите во Појасот Газа се уништени или сериозно оштетени, објавија хуманитарните организации, повикувајќи се на сателитски снимки. Во некои области, тој процент е од 80 до 90 проценти.

    Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху наредил, според наводите од неговиот кабинет, да се освои градот Газа побрзо од првично планираното. „Временската рамка за освојување на последните терористички упоришта и поразување на Хамас“ треба да се скрати, соопшти неговиот кабинет, без да даде детали. Меѓутоа, медиумите објавија дека израелската армија очекува долгорочна операција за заземање на градот. Вооружените сили се подготвуваат за „продолжена операција од неколку месеци, која ќе трае до 2026 година“, јави израелското воено радио.

    Хамас ги нарече плановите на израелската армија за заземање на градот Газа „очигледно непочитување“ на напорите за посредување во договор за прекин на огнот. Катарските медијатори сè уште чекаат официјален одговор од Израел за најновиот предлог за 60-дневен прекин на огнот, во кој треба да биде ослободен и дел од заложниците. Предлогот, за кој Хамас, според сопствените наводи, се согласил на 18 август, предвидува ослободување на десет живи израелски заложници и враќање на телата на 18 починати заложници во Израел.

    Сепак, според извори од израелската влада, Израел продолжува да бара ослободување на сите 50 заложници. Според Израел, 20 од нив се уште се живи. Нивните роднини протестираа вчеравечер во пограничната област кон Појасот Газа за ослободување на нивните роднини и членови на семејствата.

    „Воениот притисок не ги спасува заложниците, туку ги убива“, рече Офир Браславски, таткото на Ром Браславски. Хамас дистрибуираше видео од младиот човек на почетокот на август, на кое се гледа како е сериозно ослабен. „Четириесет и двајца заложници влегоа во Газа пеш – и се вратија во вреќи за тела. Не сакам моето дете да биде број 43“, рече Браславски. Макабит Мајер, тетка на браќата близнаци Гали и Зив Берман, го обвини Нетанјаху дека регрутирал десетици илјади резервисти за „бесмислена мисија“ што „ги става во опасност нашите најблиски и самите резервисти“.

    Повеќе од 62.122 лица се убиени за време на израелската офанзива, соопшти Министерството за здравство на Газа. Министерството е дел од владата предводена од Хамас и е составено од медицински професионалци. Министерството не наведува колку од загинатите биле цивили или борци, но соопшти дека жените и децата сочинуваат околу половина од нив.

    Дополнително, 154 возрасни лица починале од причини поврзани со неухранетост од крајот на јуни, кога министерството почна да ги брои таквите смртни случаи, а 112 деца починале од причини поврзани со неухранетост од почетокот на војната.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира