По претставката за првиот од трите спорни огласи за вработување ова лето, кога беа примени потпретседателот на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, сопругот на директорката од ВМРО-ДПМНЕ на Централниот регистер на Македонија, сопругата на осуден за нападот на Собранието во 2017 година и други партиски кадри, трудовиот инспектор за работни односи направил инспекција во Македонска навигација (М-НАВ) и не утврдил повреди на Колективниот договор.
Прво, претставката ја шетаа од Скопје во Кавадарци. Потоа предметот не се работеше зашто архиварката била на одмор и немаше кој да го премести од нејзиното биро, на бирото на трудовиот инспектор. Претставката ја поднесе Синдикатот на контролори на летање преку адвокатката Сузана Јошевска-Атанасовска.
Сега кога се врати архиварката од одмор и трудовиот инспектор Никола Чапов од Неготино извршил контрола на спорните вработувања во М-НАВ, тој во извештајот само прераскажал што се случувало и како директорот Владимир Ристевски потврдил дека сами тој и двајцата директори ги вршеле интервјуата и одредувале кој ќе биде вработен, а кој не.
Чапов ја пренел и изјавата на Ристевски дека не ја пуштиле внатре контролорката на летање делегирана од Синдикатот да присуствува на интервјуата, туку ја оставиле пред врата.
И покрај сево ова, инспекторот напишал дека нема правна основа огласот да се поништи.
Секако, во меѓувреме избраните партиски кадри околу 1 август биле вработени на советнички места и работни места со средно и промена нема да има.
САКАМДАКАЖАМ.МК го контактираше инспекторот Чапов, бидејќи тој е потпишан на решението дека нема правна основа да реагира Трудовиот инспекторат. Го прашавме зошто само прераскажувал што се случувало со скандалозните вработувања, она што го знае целата јавност, а не дал никакви насоки? Но, тој рече дека не е овластен да зборува и упати да се обратиме во централата во Скопје.
Во меѓувреме на ист начин, со кршење на Колективниот договор, се спроведе оглас и интервјуа со кандидатите, на кој пак директорите сами одлучија да вработат син на пратеничка од ВЛЕН, како и други кадри од ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН.
Практично, директорот Фатмир Зимбери поставен од ВЛЕН, самиот одлучи за свој советник да го избере баш синот на пратеничката од ВЛЕН, од сите пријавени кандидати.
И за овој оглас Синдикатот на контролорите поднел претставка, како и за повторениот дел од првиот оглас, на кој тогаш немаа комплетни документи, а сега набавине и беа примени: кандидатот за пратеник од ВМРО-ДПМНЕ од Шуто Оризари Ерџан Демири кој не влезе во Парламентот, Артан Шаќири (вработен како обезбедувач на објект, а М-НАВ плаќа приватна агенција за обезбедување), потоа Игор Милошевски, Александар Наковски и Селвије Махмут.
Во архивата на кадровското одделение во М-НАВ, постојат докази на кои се гледа дека овие примените во повторениот оглас, конкурирале и првиот пат.
С. К. ДЕЛЕВСКА