Три награди доби „Диџеј Ахмет“, дебито на режисерот Ѓеорги Унковски, на 31. Сараевски филмски фестивал, што заврши синоќа. Диџеј Ахмет“ ги доби Специјалната награда за перспектива на младите, наградата Синеуропа и Уникредит наградата на публиката. Ова беше и регионална премиера на филмот.
Победник на Саревскиот фестивал е српскиот „Ветре, зборувај со мене“ на Стефан Ѓорѓевиќ кој ја освои наградата Срце на Сараево за најдобар филм и 16.000 евра. Наградата за најдобар документарец и 4.000 евра ја доби австрискиот „Ќе дојде нашето време“ на Ивет Ликер, а победата носи и квалификација за номинација за Оскар.
Специјалната награда за перспектива на младите, се доделува на филм за млади луѓе кои ја преиспитуваат својата заедница и традиција.
„Филмот има светла и хумористична, но трогателна приказна, збогатена со шармантни и живи изведби на млади актери и живописна кинематографија, за која веруваме дека има потенцијал да допре до публиката, особено до младите луѓе, низ целиот свет. За давање глас на младите луѓе од мала заедница, наградата им припаѓа на продуцентите и режисерот на филмот ‘Диџеј Ахмет’“, соопшти жирито.
Македонскиот филм ја доби и наградата која ја доделува филмскиот портал Синеуропа, посветен на европскоиот филм, за филм кој, покрај тоа што поседува неоспорни уметнички квалитети, ги промовира и идеите за европски дијалог и интеграција. Вредноста на наградата е 5.000 евра.
„Диџеј Ахмет“ ќе го затвори и 46. издание на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола, кој ќе се одржи од 20 до 26 септември, што ќе биде и македонската премиера на филмот.
Светската премиера на „Диџеј Ахмет“ беше на 24 јануари, на фестивалот Санденс во Парк Сити, Јута, каде доби две награди: Наградата од публиката во програмата Светски филм и Специјалната награда на жирито за креативна визија. Оттогаш има добиено вкупно седум награди.
Агенцијата за продажба на права „Филмс бутик“ од Берлин ги продаде правата за диструбуција на македонскиот филм во Австралија и Нов Зеланд, Бенелукс, Канада, Шпанија, Израел, Португалија и во земјите од поранешна Југославија.
„Диџеј Ахмет“, на турски и македонски јазик, е драма со примеси на комедија за Ахмет, 15-годишно момче од забито јуручко село во Источна Македонија, кое наоѓа прибежиште во музиката и сонува да стане диџеј додека се справува со очекувањата на татко му, конзервативната заедница и неговото прво искуство со љубовта – девојка која веќе му е ветена на некој друг.
По премиерата на 24 јануари, во холивудските медиуми излегоа позитивни критики, како на пример: „Елегантен и привлечен“, „Инспиративна приказна за созревањето…“ во критиката на „Холивуд рипортер“ .
Рецензијата насловена „Техно музиката и овчарството се судираат во трогателна приказна за созревањето“, почнува со реченицата : „Замислете си го ‘Безгрижен’ (Фоотлосе) да се случува токму сега во едно мало село во Северна Македонија и ќе ја добиете атмосферата зад трогателниот игран филм деби на сценаристот и режисер Георги М. Унковски, ‘Диџеј Ахмет’“.
„Диџеј Ахмет“ се снимаше лани во октомври и ноември во селата Коџалија и Али Коч во Радовиш и во Скопје. Сценографи се Дејан Ѓошевски и Александра Чевреска, костимограф Роза Трајчевска, шминка и маска Душица Вуксановиќ-Дуда, снимател на тон Павел Јан, монтажер Михал Раих. Во главните улоги се Ариф Јакуп, Дора Акан, Наим Агушев и Аксел Мехмед. Во останатите улоги се Селпин Керим, Елхаме Билал, Адем Карага, Метин Ибрахим и други. Кастинг директор е Киријана А. Николоска.
Филмот е копродукција помеѓу „Синема футура“ и „Сектор филм“ од Македонија, „Алтер вижн“ и „Аналог вижн“ од Чешка, „Бекрум продукција“ и „Баш Челик“ од Србија. Продуценти на филмот се Иван Унковски и Ивана Шекуткоска.
Филмот беше поддржан со 23.5 милиони денари (околу 380.000 евра) на конкурсот на Агенцијата за филм за 2020 година во втор рок на одлучување, а доби поддршка од 160 илјади евра на паневропскиот филмски фонд Еуримаж.