Осум дена притвор доби таткото-насилник, кој вчера во Штип влета на фудбалскиот јуниорски натпревар меѓу Брегалница и Шкупи и поради судиска одлука против неговиот син од Шкупи, нападна и повреди два негови противнички соиграча од 14 години. Кривичното дело е оквалификувано како насилство, а притворот ќе се спроведува во затворот во Куманово.
Според портпаролот на Основниот суд во Штип, судијата Сашко Георгиев, нападнатите фудбалери имале телесни повреди и веќе се пуштени на домашно лекување. Според законот оваа мерка притвор може да се повтори до 60 дена, а на 43-годишниот насилник ќе му се суди по итна постапка за кривично дело по член 368 од Кривичниот законик, кој предвидува казна до 5 години.
Осомничениот извршил грубо насилство на 24 август на стадионот „Бело Брдо“ во Штип, за време на фудбалски натпревар меѓу младинските екипи на двата фудбалски клуба.
„Со дејствијата тој ја загрозил сигурноста на две деца родени 2010 година, играчи за тимот на Беласица, нанесувајќи им телесни повреди. Освен тоа, кај оштетените, останатата присутна публика и во јавноста предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв. Настанот се случил во 89-тата минута од натпреварот, која судијата поради прекршок (фаул) доделил втор жолт картон со што го исклучил од игра синот на осомничениот, кој играл за Шкупи. Незадоволен од одлуката, најпрво синот се однесувал неспортски и со тупаници и со удар со нога се обидел да се пресмета со еден од фудбалерите на Брегалница. Тогаш на теренот влегол таткото и со тупаници и клоци започнал да ги удира двете деца, нанесувајќи им телесни повреди – повеќе набиеници и скршеница на нос без дислокација. На игралиштето влегле и други лица од публиката, кои спречиле натамошна ескалација на настанот“, кажа денеска Обвинителството.
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) исто така објави казни и санции за учесниците во инцидентот. За играчот на ФК Шкупи 1927 со број 9, Абдуљи Леарт, кој физички нападна противнички фудбалер и му нанесе сериозни повреди е изречена најстрога санкција – исклучување од фудбалската организација.
За играчите на ФК Шкупи 1927 – Рамадани Ибрахим (бр. 5) и Новобрдалија Амар (бр. 30), кои исто така извршија физички напад е поведена постапка согласно член 43 став 1, по што им е изречена забрана за настап во траење од три месеци.
Играчот на ФК Брегалница 2008 со број 4, Гоцев Симеон, реагирајќи на нападот се впушти во груба игра и пречекорена самозаштита, за што му е изречена забрана за играње на четири натпревари.
ФФМ утврди и организаторска и колективна одговорност на двата клуба. Против ФК Шкупи 1927 е поведена дисциплинска постапка согласно член 51 од ДП, поради физички напад од родители/навивачи врз противнички играчи, што претставува тежок прекршок од страна на гледачи. Согласно член 29, санкцијата се однесува на екипата „помлади пионери“, која го сторила прекршокот.
Против ФК Брегалница 2008 е поведена дисциплинска постапка согласно член 48 од ДП, поради слаба организација и пропуст во обезбедувањето. И оваа постапка, согласно член 29, се однесува на екипата „помлади пионери“, која била домаќин на натпреварот.
Исто така, против Алејса Виши, координатор за млади категории на ФК Шкупи 1927, е поведена дисциплинска постапка поради внесување на лажни информации во Комет системот на ФФМ, со што како шеф на стручен штаб и кондициски тренер биле заведени лица кои воопшто не присуствувале на натпреварот Брегалница – Шкупи 1927.
Т. ЈОВАНОВСКИ