ДРЖАВАТА НЕ Е ПОДГОТВЕНА ЗА КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ, ЗАКОНОТ ЗА КЛИМАТСКА АКЦИЈА ДОЦНИ 5 ГОДИНИ, А НЕМА НИ ПОДАТОЦИ ЗА ЕМИСИЈА НА ГАСОВИ, УТВРДИ ДРЖАВНИОТ РЕВИЗОР

    ДРЖАВАТА НЕ Е ПОДГОТВЕНА ЗА КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ, ЗАКОНОТ ЗА КЛИМАТСКА АКЦИЈА ДОЦНИ 5 ГОДИНИ, А НЕМА НИ ПОДАТОЦИ ЗА ЕМИСИЈА НА ГАСОВИ, УТВРДИ ДРЖАВНИОТ РЕВИЗОРКлучниот закон за климатска акција доцни повеќе од пет години, со што државата нема воспоставено институционален систем за управување со процесот. (Фото: СДК.МК)

    Надлежните органи треба да преземат итни и дополнителни мерки за справување со климатските промени, бидејќи во државата недостасува јасно дефинирана структура, координација и комуникација меѓу инволвираните страни, а сè уште не е донесен ниту Национален план за адаптација, констатирал Државниот завод за ревизија во најновиот извештај за подготвеноста на земјата да се соочи со овој глобален предизвик.

    Ревизорите утврдиле дека иако е направен одреден напредок во креирањето политики, неопходни се сериозни чекори за воспоставување на ефикасни механизми и системи. Клучниот закон за климатска акција доцни повеќе од пет години, со што државата нема воспоставено институционален систем за управување со процесот. Дополнително, во предлог-верзијата на законот не е вклучена локалната власт, која е носител на голем дел од политиките на терен.

    Поради слабите административни капацитети, Македонија нема обезбедено единствена база на податоци за изготвување на Национален инвентар на стакленички гасови. Последниот таков документ е изработен во 2019 година, што значи дека државата веќе пет години нема прецизни податоци за емисиите, што е лоша основа за креирање на политики.

    Иако со Ревидираниот национален утврден придонес (NDC), државата се обврзала до 2030 година да ги намали нето емисиите на стакленички гасови за 82% во однос на 1990 година, официјалните податоци од 2019 покажуваат дека намалувањето е само 9,2%. Ревизијата нотира и дека Долгорочната стратегија за климатска акција до 2050 предвидува намалување од 72%, но не и постигнување на „нето нула“ емисии, што е обврска според Европскиот зелен договор.

    Во однос на финансирањето, ревизорите посочуваат дека за реализација на мерките до 2050 година ќе бидат потребни капитални инвестиции од 35 милијарди евра и дополнителни 121 милијарда евра трошоци во енергетскиот сектор. Сепак, во Буџетот сè уште не постои систем за климатско означување на проектите, па државата нема податоци колку пари се наменети за оваа цел. Исто така, во периодот од 2020 до 2024 година не се изготвени задолжителните меѓународни извештаи за искористените средства од домашни и странски извори.

    Државниот завод за ревизија се приклучи на глобалниот проект „Климатски скенер“ заедно со 141 врховна ревизорска институција, а резултатите беа презентирани на Светската климатска конференција COP29 во Баку. Ревизорите дадоа препораки до надлежните институции за надминување на утврдените состојби.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира