Украина се сомнева дека Русија е вмешана во убиството на бившиот спикер на парламентот Андриј Парубиј, изјави шефот на полицијата Иван Вихивски. Парубиј беше застрелан во саботата во Лвив и Володимир Зеленски денеска кажа дека е уапсен еден осомничен за убиството.
„Знаеме дека ова злосторство не е случајно. Има вмешаност на Русија. Сите одговорни ќе одговараат пред законот“, кажа Вихивски.
Министерот за внатрешни работи Ихор Клименко изјави дека осомничениот напаѓач бил уапсен ноќеска во регионот Хмелницки во западна Украина.
„Не можеме да споделиме многу детали во овој момент. Можам само да кажам дека убиството било внимателно планирано, било следено движењето на жртвата и бил подготвен план за бегство“, кажа Клименко.
Вихивски додаде дека убиецот се маскирал во доставувач и пукал во Парубиј осум пати.
„Тој дури проверил дали Парубиј е мртов пред да избега“, кажа Вихивски.
Парубиј (54) беше пратеник во украинскиот парламент, чиј спикер беше од 2016 до 2019. Претходно беше еден од лидерите на проевропските протести во 2013/14, кои доведоа до соборување на прорускиот претседател Виктор Јанукович, што беше вовед во руската анексија на Крим и војната во источна Украина.