Владимир Путин изјави дека преферира да ја заврши војната во Украина преку преговори, но и дека е спремен да ја заврши со сила ако тоа е единствениот начин.
Зборувајќи на крајот на посетата на Пекинг, Путин кажа дека гледа „одредено светло на крајот на тунелот“, благодарение на искрените напори на САД да пронајдат решение за војната.
„Ми се чини дека ако здравиот разум превладее, ќе биде можно да договориме прифатливо решение за крај на војната. Тоа е моја претпоставка, особено имајќи го предвид расположението на сегашната американска влада на чело со Доналд Трамп, која има искрена желба да најде решение. Ќе видиме како ќе се развива ситуацијата, но ако треба, ќе ги исполниме сите наши задачи со употреба на сила“, кажа Путин.
Сепак, тој не покажа никаква подготвеност да ги омекне своите долгогодишни барања Украина да се откаже од приклучување кон НАТО и Русија да има целосна контрола најмалку врз Донбас. Рече дека е подготвен да разговара со Володимир Зеленски доколку тој дојде во Москва.
„Никогаш не сум ја отфрлил можноста за средба со Зеленски, но останува да се види дали има поента“, кажа Путин.
Тој го повтори својот став дека Зеленски е нелегитимен претседател, што Киев категорично го отфрла, велејќи дека е невозможно да се одржат избори во време на војна.