МЛАДИТЕ НЕ СЕ ЗАДРЖУВААТ ВО МАКЕДОНИЈА СО ПАРТИЗАЦИЈА И ПОЛИТИЗАЦИЈА, РЕЧЕ ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА ВО ЧЕСТИТКАТА ЗА ДЕНОТ НА НЕЗАВИСНОСТА

    МЛАДИТЕ НЕ СЕ ЗАДРЖУВААТ ВО МАКЕДОНИЈА СО ПАРТИЗАЦИЈА И ПОЛИТИЗАЦИЈА, РЕЧЕ ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА ВО ЧЕСТИТКАТА ЗА ДЕНОТ НА НЕЗАВИСНОСТАМладите ќе се задржат со образование и наука што стимулираат, почитуваат и наградуваат знаење, труд и заслуги, вели претседателката. (Фото: Кабинет на претседателка на РСМ)

    Македонија денес, 34 години по прогласувањето на независноста, во свет заснован на сила, а не на право, сè уште води битка за суверена, рамноправна, модерна, стандардна, европска, правна држава, членка на Европската Унија, рече Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во честитката по повод 8 Септември, Денот на независноста. Претседателката укажува дека младите не се задржуваат и стимулираат со партизација и политизација, туку со образование и наука што стимулираат, почитуваат и наградуваат знаење, труд и заслуги.

    „Ако домата ни е европска, сигурна сум дека нашите деца и внуци ќе сакаат да работат, творат и растат семејства тука, во нивната дома, или постојано да соработуваат со татковината, ако се надвор, привремено или трајно. Само во европски амбиент се креира европска иднина!“, вели претседателката во честитката и додава:

    „Изминативе три децении се соочивме со бројни внатрешни поделби и кризи, со надворешни притисоци и предизвици, со отстапки и компромиси неусогласени со референдумската одлука од 1991 година, па и со меѓународното и национално право. Политиката, за жал, нè учи дека неправдите не се отстрануваат со потег на перото, туку со макотрпна домашна и меѓународна борба, со правни аргументи и внимателни политички активности, со макотрпно градење пријателски сојузи, а не со непромислени и избрзани акти, со внатрешно единство, а не со поделби, со самопочит, но и со меѓусебна почит. Патот кон правото и правдата води преку европеизирана држава, втемелена на Kопенхагенските критериуми, преку демократска власт, ограничена со систем на ефикасни спреги и кочници, преку компетитивна и просперитетна економија, преку партиципативна политичка култура, преку силно граѓанско општество и слободни медиуми“.

    Празникот 8 Септември денеска ќе се одбележи со свечена академија под слоганот „Од сон до реалност, за вечност“ што од 10 часот ќе се одржи во Филхармонијата во Скопје, а ќе говори премиерот Христијан Мицкоски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира