ПОЖАР НА ДЕПОНИЈАТА „ДРИСЛА“ ВО СКОПЈЕ, АНГЕЛОВ ВЕЛИ ИМА СОМНЕЖ ДЕКА Е ПОДМЕТНАТ

    ПОЖАР НА ДЕПОНИЈАТА „ДРИСЛА“ ВО СКОПЈЕ, АНГЕЛОВ ВЕЛИ ИМА СОМНЕЖ ДЕКА Е ПОДМЕТНАТГаснењето на која било депонија е сложен процес, поради хемиските и биолошките процеси кои се одвиваат во внатрешноста на депонијата како резултат на кои се создаваат запаливи гасови, рече Ангелов. (Фото: Архива на СДК.МК)

    Пожар гори на депонијата „Дрисла“ во Скопје, а скопската противпожарна бригада (БППЗ) со сити сили се обидува да го локализира пожарот, изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов.

    „Направени се противпожарни појаси за да не се дозволи на огнот да тргне кон блиската трева, грмушки и шума од горната страна на депонијата. Нема опасност од излегување на огнот надвор од депонијата. Гаснењето е во тек. Постојат сомненија дека пожарот е предизвикан намерно“, вели Ангелов.

    Ангелов рече дека гаснењето на која било депонија е сложен процес, поради хемиските и биолошките процеси кои се одвиваат во внатрешноста на депонијата како резултат на кои се создаваат запаливи гасови.

    Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) велат дека од 15:15 часот се гасне запалено ѓубре во депонијата „Дрисла“ во с. Батинци (општина Студеничани). БППЗ интервенира со 2 возила и 5 пожарникари. Дополнително бил испратен и еден „ер-трактор“ за да помогне во гаснењето и да спречи евентуално прелевање на пожарот кон боровата шума и викенд-населбата.

    „Пилотот на ‘ер-тракторот’ укажа дека се работи за горење во централниот дел на депонијата и дека секое фрлање вода од висина може дополнително да ја разгори и да предизвика палење на други спорадични жаришта. Тој не утврдил можност за проширување на огнот кон боровата шума и е упатен да дејствува на пожарите во Скопска Црна Гора“, соопшти ЦУК.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира