Премиерот Христијан Мицкоски денеска изрази сомнеж дека повторното разгорување на пожарот во депонијата „Дрисла“ е намерно предизвикано, посочувајќи ја одговорноста кај кадрите на Демократската унија за интеграција (ДУИ) во јавните претпријатија.
„Чудно е, чудно е како во одредени јавни претпријатија, каде што свои кадри има Демократската унија за интеграција, се случуваат вакви работи. Чудно е, и тоа ќе го истражиме и ќе обезбедиме соодветни докази, како може пожар кој беше речиси ставен под контрола, наеднаш да се распламти“, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања на партиски настан.
- ВОЗДУХОТ ВО СКОПЈЕ САМО ИЗГЛЕДА ЗАГАДЕН, АМА НЕ Е АЛАРМАНТНО КАКО ШТО СЕ ПРЕТСТАВУВА, РЕЧЕ МИЦКОСКИ ИАКО ГРАДОТ ДВА ДЕНА СМРДИ НА ЗАПАЛЕНА ГУМА ОД „ДРИСЛА“
-
ПОЛА СКОПЈЕ Е ВО ЗАГАДЕНА МАГЛА, ВОЗДУХОТ МИРИСА НА ГАРЕЖ, ПОЖАРОТ ВО „ДРИСЛА“ УШТЕ Е АКТИВЕН
Тој го доведе во прашање и тајмингот на инцидентот, кој се случува пред локалните избори, откако, според него, власта успешно се справила со пожарите во текот на летото и покрај „диверзиите“.
„Вистинското прашање е кому му одговара сето ова. Но, сега сме фокусирани да го решиме проблемот. Потоа ќе се занимаваме со истрагата и бидете сигурни дека сите виновници ќе бидат изведени пред лицето на правдата“, додаде премиерот.
Мицкоски најави дека Министерството за внатрешни работи ќе го истражува случајот со пожарот во Дрисла, кој „мистериозно“ се разгорел во текот на ноќта, откако вчера бил речиси целосно саниран. Тој рече дека за ситуацијата разговарал со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и со директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов, како и дека на терен е ангажирана дополнителна механизација.
Од ЈП депонија „Дрисла“ соопштија дека апелираат до Министерството за внатрешни работи (МВР) „да пристапи кон истрага за изнаоѓање и санкционирање на потпалувачите на пожарите, кои се сомневаме дека се политички мотивирани за дефокусирање од реалните проблеми“.
„Депонија ‘Дрисла’ без вакви намерни инциденти нема никаков потенцијал за загадување и работи според највисоки стандарди. ‘Дрисла’ е единствената санитарна лиценцирана депонија која од 2022 година не согорува отпад туку со автоклав стерилизира и компримира со што од истата нема никаква можност за загадување. Сите тековни активности на претпријатието се извршуваат согласно техничко-технолошкиот проектиран процес имајќи ги во предвид заштитата на животната средина, здравјето на човекот и природата, а во согласност со постоечките законски прописи“, се вели во соопштението на ЈП „Дрисла“.
За нелегалната депонија „Вардариште“, премиерот соопшти дека таа е обезбедена со ангажирање на приватна агенција од страна на општините.