Криминалистичката полиција денеска разговара со вработените во депонијата „Дрисла“ во Скопје, да дојде до информации околу можни причинители на пожарот, рече денеска директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов, кој е раководител на Главниот штаб за управување со кризи. Откако пред неколку дена изби пожарот, и воздухот во Скопје мириса на изгорена гума, на денешната прес-конференција во депонијата Ангелов рече дека има активно чадење, но не и горење. Депонијата „Дрисла“ е лоцирана во југоисточниот дел од Скопје на оддалеченост од 14 км од центарот на градот.
„Горење, односно видлив оган нема или можеби ќе се појави на некое место и ќе исчезне. Чадењето е активно и денес, иако морам да кажам денес е значително намалено. Се разбира дека е непријатен чад кој содржи од тоскини, но тоа е чад која излегува од внатрешноста на земјата како последица на силните хемиски процеси кои се одвиваата во делот на депонијата каде се слева исцедокот од депонијата. Активно горење на самата депонија нема. Се работи со засилена механизација за целосно затрупување на просторот, но просторот е тесен и поради не дозволува повеќе маишини да работат и се прават два проодни патишта. Депонијата е на површина од 85 хекатри, има повеќе камери, но се сомневам дека се функционални. Депонијата е лесно достапна за злонамерници кои би сакале да подметнат или да го продолжат пожарот. Дознав дека имало уште најмалку 3 обиди за палење на самата депонија и биле брзо изгаснати“, кажа Ангелов.
Директорот рече дека нема никој осомничен од вработените за пожарот, но дека Крим-полицијата разговара со вработените за да се види дали некој од внатре или некој доаѓа преку ридовите со канта бензин да го подметне пожарот.
На новинарско прашање дали некој ќе одговара зошто не е оградена депонијата, Ангелов рече дека тој не е вистинската адреса каде се упатува тоа прашање и дека негова задача е да гасне пожари.
„Вашето прашање е легитимно и јас како граѓанин можам да дека особено загржувачки изгледа делот каде да се слева исцедокот, кој според кажувањата на вработените е длабок околу 1,5 метар. Значи имаме заезерување, слободно да кажам колку на површина од едно фудбалско игралиште. Таа вода некаде тоне и верувам дека ги загадува околните води. После Локалните избори, ќе се почне процес на сериозно решавање на овој проблем“, рече Ангелов.
Од ЈП депонија „Дрисла“ денеска соопштија дека апелираат до Министерството за внатрешни работи (МВР) „да пристапи кон истрага за изнаоѓање и санкционирање на потпалувачите на пожарите, кои се сомневаме дека се политички мотивирани за дефокусирање од реалните проблеми“.
„Депонија ‘Дрисла’ без вакви намерни инциденти нема никаков потенцијал за загадување и работи според највисоки стандарди. ‘Дрисла’ е единствената санитарна лиценцирана депонија која од 2022 година не согорува отпад туку со автоклав стерилизира и компримира со што од истата нема никаква можност за загадување. Сите тековни активности на претпријатието се извршуваат согласно техничко-технолошкиот проектиран процес имајќи ги во предвид заштитата на животната средина, здравјето на човекот и природата, а во согласност со постоечките законски прописи“, се вели во соопштението на ЈП „Дрисла“.
Пожарот во „Дрисла“ изби попладнето на 9 септември, а веќе три дена градот е под магла од чад кој мириса на гареж и изгорена гума.
Од Министерство за животна средина попладнево соопштија дека според податоците на Државниот автоматски мониторингсистем за квалитет на амбиентен воздух-ДАМСКАВ, во периодот од 10 до 12 септември не се регистрирани надминувања на граничните вредности за SO₂, NO₂, CO и O₃.
„Надминување на среднодневната гранична вредност за РМ₁₀ (50 μg/m³) е забележано: на мерното место Лисиче на 10.09.2025 со концентрација од 55.93 μg/m³, особено во вечерните и ноќните часови (19:00–02:00); на мерното место Центар на 11.09.2025 со концентрација од 50.41 μg/m³. Воопшто, часовните концентрации на РМ₁₀ се релативно ниски на повеќето мерни места во Скопје, со исклучок на Лисиче, каде што се забележани повисоки вредности во ноќните и утринските часови, додека попладне концентрациите се пониски“, соопшти Министерството.
Јавното претпријатие е под надлежност на Град Скопје чиј градоначалник го именува директорот. За в. д. директор на „Дрисла“ градоначалничката Данела Арсовска во февруари годинава го назначи Самир Хусени. Претседател на Управниот одбор на „Дрисла“ е Даме Димитровски, актуелен советник на премиерот Христијан Мицкоски за животна средина во Владата и поранешен претседател на Комисија за животна средина на ВМРО-ДПМНЕ.
- ЧУДНО Е ШТО ОВА СЕ СЛУЧУВА ВО ЈАВНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА КАДЕ ДУИ ИМА СВОИ КАДРИ, ВЕЛИ МИЦКОСКИ ЗА ПОЖАРОТ ВО ДЕПОНИЈАТА „ДРИСЛА“
- ВОЗДУХОТ ВО СКОПЈЕ САМО ИЗГЛЕДА ЗАГАДЕН, АМА НЕ Е АЛАРМАНТНО КАКО ШТО СЕ ПРЕТСТАВУВА, РЕЧЕ МИЦКОСКИ ИАКО ГРАДОТ ДВА ДЕНА СМРДИ НА ЗАПАЛЕНА ГУМА ОД „ДРИСЛА“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изрази сомнеж дека повторното разгорување на пожарот во депонијата „Дрисла“ е намерно предизвикано, посочувајќи ја одговорноста кај кадрите на Демократската унија за интеграција (ДУИ) во јавните претпријатија.
„Чудно е, чудно е како во одредени јавни претпријатија, каде што свои кадри има Демократската унија за интеграција, се случуваат вакви работи. Чудно е, и тоа ќе го истражиме и ќе обезбедиме соодветни докази, како може пожар кој беше речиси ставен под контрола, наеднаш да се распламти“, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања на партиски настан.
Б. НЕСТОРОСКА