СИТЕ ИНСТИТУЦИИ СЕ НА ТЕРЕН, ВЕЛИ ВЛАДАТА ПО ИЗЈАВАТА НА АНГЕЛОВ ДЕКА МАКЕДОНИЈА Е МЕТА НА ХИБРИДЕН НАПАД СО ОПАСНИОТ ПОЖАР ВО ТРУБАРЕВО

    СИТЕ ИНСТИТУЦИИ СЕ НА ТЕРЕН, ВЕЛИ ВЛАДАТА ПО ИЗЈАВАТА НА АНГЕЛОВ ДЕКА МАКЕДОНИЈА Е МЕТА НА ХИБРИДЕН НАПАД СО ОПАСНИОТ ПОЖАР ВО ТРУБАРЕВОГустиот црн чад што се издига од пожарот во Трубарево каде гори опасен отпад го покри цело Скопје и се чувствува во воздухот. (Фото: СДК.МК)

    Владата вели дека се преземаат сите активности, сите институции во целост се посветени на разрешување на случајот со денешниот пожар каде гори опасен отпад во рециклаторен центар на „Ф-Групација“ во скопско Трубарево, за што директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов кажа дека Македонија е мета на хибриден напад.

    „Министерството за внатрешни работи истражува, институциите се на терен и навремено и постојано ќе ја информираме јавноста за сите чекори кои ги презема Владата со цел гарантирање на безбедноста на граѓаните“, одговорија од Владата на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК дали и што ќе преземе за одбрана и заштита од нападот, со оглед на изјавата на директорот Ангелов.

    Веднаш по изјавата дека на директорот Ангелов дека станува збор за „хибриден напад врз државата“, САКАМДАКАЖАМ.МК. испрати прашање до Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, дали ќе свика итна седница Советот за безбедност, но од таму уште нема одговор.

    „Според мене се работи за намерно подметнат пожар, не е едноставно да се запали ваков објект. За кратко време имаше пожари на депониите ‘Вардариште’, ‘Дрисла’ и вчера во Шуто Оризари, и денес оваа фабрика. За мотивите, како и за откривање на сторителите работат МВР и останатите служби. Апелирам до сите граѓани на 112 или на кој било друг начин да го пријават секое сомнително поведение“, кажа денеска Ангелов во Трубарево.

    Првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити, кој е и кандидат за градоначалник на Чаир на „Вреди“, додека трае пожарот денеска е во промотивни предизборни активности, според објавите на неговиот официјален фејсбук профил.

    Опасен отпад денеска гори во рециклаторен центар на „Ф-Групација“ во скопско Трубарево, соработник на компанијата „Нула отпад“ која е е овластена за преземање отпадна електрична и електронска опрема и отпадни батерии и акумулатори, литиум-јонски батерии од апарати и возила, како и секаков електронски отпад. Пожарот почна денеска околу 13.30 часот во штала наменета за складирање на отпадни електрични материјали. Пожарот за кратко време предизвика густ црн чад и се прошири и на неколку околни објекти.

    Пожарот е уште активен и не е под контрола. Густиот црн чад што се издига од пожарот изминативе 6 часа го покри цело Скопје и се чувствува во воздухот.

    Околу 19. 30 часот, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) издаде препораки населението во области со ризик од загадување на воздухот да остане во затворени простории со затворени прозорци и врати, да исклучи вентилација што внесува надворешен воздух и да користи маски при движење на отворено. Особено внимание треба да обрнат ранливите групи, а сите да следат официјални информации, да внимаваат на здравствени симптоми и да ги почитуваат упатствата од јавноздравствените и итните служби.

    Селото Трубарево се наоѓа на 10 километри источно од центарот на Скопје на регионалниот пат Скопје-Велес. Во близина на селото се наоѓаат населените места Маџари, Гоце Делчев, Јурумлери, Горно Лисиче и Долно Лисиче.

    Партијата Демократска обнова на Македонија (ДОМ) попладнево ги повика сите пратеници во Собранието – од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, Вреди и сите други политички партии – веднаш да се обединат и да подготват итни измени на Кривичниот законик со кои подметнувањето пожар ќе биде јасно утврдено како кривично дело што ќе се третира како обид за убиство.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира