Во опожареното складиште во скопско Трубарево е поставена мерна станица, за да го провери квалитетот на воздухот во реално време, соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање. Вчера избувна пожар во рециклаторниот центар на „Ф-Групација“ во Трубарево за отпадна електрична и електронска опрема и отпадни батерии и акумулатори, литиум-јонски батерии од апарати и возила, како и секаков електронски отпад.
Мерната станица денес ја поставија вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити, со директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, и ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) од Штип, проф. д-р Дејан Мирковски.
„Мерењата ќе се извршат секојдневно 24/7 за да се следи квалитетот на воздухот, и навремено информирање на јавноста, која ќе има можност да ги следи податоците во реално време“, велат од Министерството.
Меџити кажа дека денеска ќе има резултати за квалитетот на воздухот и „за сè ќе биде известено детално и транспарентно“, но до 17 часот уште нема објавени такви податоци.
Пожарот за кратко време предизвика густ црн чад и се прошири и на неколку околни објекти. Пожарот утринава е ставен под целосна контрола по 15 часа. Селото Трубарево се наоѓа на 10 километри источно од центарот на Скопје на регионалниот пат Скопје-Велес. Во близина на селото се наоѓаат населените места Маџари, Гоце Делчев, Јурумлери, Горно Лисиче и Долно Лисиче. Мирисот на чад два дена се чувствува во цело Скопје.
Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) Марија Андоновска денеска рече дека тие не ги прават физичко-хемиските анализи во воздухот, мониторингот го прави друга државна институција.
„Ние сме законски обврзани да правиме мониторинг на квалитет на воздух, почва и вода, на радијацијата во воздухот и можам да кажам дека Институтот располага со најсовремена опрема за оваа намена и со професионалци. Имаме 12 мерни станици низ цела држава, од кои неколку во Скопје, кои во реално време ни покажуваат дали има отстапувања на параметрите за радиоактивност во воздухот. Според нашите сознанија, во моментов нема никакво, ни минимално отстапување од нормалните параметри, што се однесува за радиоактивност во воздухот. Денес и утре, наши екипи ќе направат анализи, ќе ги проверат и почвата и водата“, изјави Андоновска.
Четири лица се повредени во вчерашниот пожар, на Клиниката за токсикологија е хоспитализирана жителка на Трубарево која живее во непосредна близина на пожарот и која имала вртоглавица и кашлица. Повредени се и еден полицаец, припадник на АРМ и директор на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Мухамд Али, но тие биле амбулантски прегледани и се пуштени на домашно лекување.
- ВАКВИ РАБОТИ ЌЕ СЕ СЛУЧУВААТ И НЕМА ДА ПРЕСТАНАТ, НАПАДИТЕ ДОАЃААТ ОД ЦЕНТРИ ВО ДРЖАВАТА И ОД НАДВОР, РЕЧЕ МИЦКОСКИ ПО ПОЖАРОТ ВО СКОПСКО ТРУБАРЕВО
- ЧЕТИРИ ПОВРЕДЕНИ ВО ПОЖАРОТ ВО СКОПСКО ТРУБАРЕВО
- УЧЕНИЦИТЕ ОД ТРУБАРЕВО ЕДНА НЕДЕЛА ЌЕ УЧАТ ОНЛАЈН ПОРАДИ ЗАГАДЕНИОТ ВОЗДУХ ПО ПОЖАРОТ
- ПОД КОНТРОЛА Е ПОЖАРОТ ВО ТРУБАРЕВО, НЕ ГОРИ АМА ИМА СИЛЕН ЧАД, ДЕЛОТ СО ЛИТИУМСКИ БАТЕРИИ Е ЗАТРУПАН СО ПЕСОК, РЕЧЕ АНГЕЛОВ
Б. НЕСТОРОСКА