Шведската атлетска суперѕвезда Арманд Дуплантис го собори светскиот рекорд во скок со стап по 14. пат и ја освои третата титула по ред на светските првенства, прескокнувајќи височина од 6,30 метри.
Публиката остана на трибините на стадионот во Токио уште долго по завршувањето на денешната програма, со надеж дека ќе сведочи на ново спортско чудо од Дуплантис и тој ѝ возврати со нов светски рекорд, станувајќи првиот човек кој скокал над 6,30 метри. Дваесет и петгодишниот Дуплантис последен пат го собори светскиот рекорд пред еден месец во Будимпешта, кога прескокна 6,29 метри.
Двократниот олимписки првак го обезбеди златото откако во првиот обид прескокна 6,15 метри, ставајќи крај на предизвикот од Гркот Емануил Каралис, кој потоа продолжи да го бодри својот ривал и дури му го држеше вентилаторот.
Националниот стадион во Токио еруптираше од воодушевување откако Дуплантис беше успешен во третиот обид, по што го почна славјето.
Швеѓанецот го држи светскиот рекорд од февруари 2020, кога прескокна 6,17 метри во Полска. Откако Сергеј Бубка стана првиот човек кој прескокнал шест метри на 13 јули 1985 во Париз, светскиот рекорд беше соборен 27 пати, од кои 14 пати од Украинецот и еднаш од Рено Лавилени.