Стари, антички музички записи биле инспирација за композиторот Стојан Стојков за музиката на балетската претстава „Градина на почетоците“, чија премиера е закажана на 19 октомври во Националната опера и балет (НОБ).
Композицијата е создадена пред повеќе години, а либретото е работено според поемата на Ефтим Клетников, „Маж и жена со лице спроти ѕвездите“. Kореографијата е на Џан Арслан од Турција. Со оваа премиера се отвора сезоната на НОБ.
„Композицијата не е романтична, туку е повеќе современа, со интересна оркестрација. Мојот предмет на интерес и работа беше полифонијата. Истражувам и им пренесувам на студентите музика од пред 7. век. Во тоа истражување наидов на интересни антички примери кои сакав да ги слушнам, зашто малку се познати во музиката, иако во историјата и литературата има вакви записи. Оттука почна целата работа, потоа се надоврзуваа сликите и така се направија вкупно девет. Јас претпочитам македонски рурален фолклор, кој е податлив за обликување на сценско дело и композиторски приод. Сакав на моите студенти да им покажам дека треба да знаат да создадат дела и врз база на духовна музика и врз база на електронска музика и врз база на современите текови во творештвото“, рече Стојков на денешната прес-конференција.
Во НОБ досега се поставени две дела од Стојков, балетот „Охридска робинка Ташула“ (2002) и операта „Змејова невеста“ (2011-2012).
Играат Mарија Кичевска-Шокаровска, Ева Перковска, Франциско Хименес Руиз (Шпанија), Симона Колиштркоска и Ендру Кук (Англија). Со Оркестарот на МОБ ќе диригира Иван Еминовиќ.
Според Арслан, музиката на Стојков е многу силна.
„Разговарав со него, му кажав што видов јас во неа. Ја видов визијата. Идеите ни беа слични и одлучив да се вклучам во проектот. Ова беше убаво патување, работевме многу сите“, кажа тој.
Генералниот менаџер на НОБ, Кире Павлов, рече дека овој проект прво бил прифатен и потоа заборавен од претходното раководство, но сега нашле начин да се реализира годинава, иако не бил предвиден со програмата.
„Имавме тешкотии кои ги надминавме за краток период. Сите заедно работевме, помагавме посебно околу сценографијата. Се надевам дека ова дело подолго ќе се задржи на репертоарот и дека ќе успееме некои од нашите македонските дела да ги презентираме надвор и да ги продадеме“, кажа Павлов.
Б. НЕСТОРОСКА