Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против четири лица кои се осомничени дека сториле кривични дела Тешка кражба и Сквернавење гроб.
Како што објави Обвинителството, осомничените на 17 септември влегле на Градските гробишта во Бутел, дошле до алејата на заслужни граѓани и со употреба на физичка сила ја откорнале и турнале бронзената биста со два човечки лика од платформата на гробот на писателот Стале Попов и Бранка Поповска.
Бистата била зацврстена со анкери, при што тие ја разурнале и оштетиле платформата на гробот и го осквернавиле гробното место.
Потоа бистата ја влечеле до жичената ограда, каде што претходно направиле отвор и низ него ја префрлиле бистата и ја натовариле во автомобил. Проценетата вредност на бистата, која е во сопственост на наследничка на починатите, изнесува околу 320.000 денари.
Јавниот обвинител достави предлог до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје за определување мерка притвор за сите четворица осомничени.