ПО ДОЛГИ ГОДИНИ ИМАМЕ ДОБРА СЕЗОНА НА ПРОИЗВОДСТВО НА МЕД, КАЖАА НА САЕМОТ НА ШУМСКИ ПРОИЗВОДИ, ЛЕКОВИТИ БИЛКИ И МЕД ВО ТЕТОВО

    ПО ДОЛГИ ГОДИНИ ИМАМЕ ДОБРА СЕЗОНА НА ПРОИЗВОДСТВО НА МЕД, КАЖАА НА САЕМОТ НА ШУМСКИ ПРОИЗВОДИ, ЛЕКОВИТИ БИЛКИ И МЕД ВО ТЕТОВОЦелта на саемот е да се поттикнат жителите од планинските села повеќе да ги промовираат туризмот и локалните продукти (Фото: СДК.МК)

    Шар Планина изобилува со лековити билки и шумски плодови, но тоа природно богатство ни оддалеку не е искористено. Токму затоа, здружението „Ренесанса“ од Тетово по вторпат го организира Саемот за развој на планинскиот туризам и одгледување на недрвните шумски производи во функција на локалната економија, на кој се претставени собирачи на лековити билки, производители на мед и производи од мед.

    Со саемот сакаме да ја подигнеме свеста кај жителите од планинските села повеќе да ги промовираат туризмот и овие продукти. Овде се крие голем економски потенцијал за локалното население бидејќи во последно време забележуваме и голем број странски туристи кои ја посетуваат Шар Планина и кои се заинтересирани за биопродуктите кои ние овде сакаме да ги промовираме. На годинашниов саем учествуваат билкари и медари од Струга, Дебар, Ростуше, Скопје и секако, од тетовските планински села. Оваа година имаме и еден учесник кој приготви традиционални јадења од нашиот крај“, изјави Берат Азизи од здружението „Ренесанса“.

    Се претставија и неколкумина медари и тоа не е случајно, бидејќи Шар Планина, но и другите македонски планини нудат извонредни услови за пчеларство.

    Годинава во регионот на тетовско Глоѓи, од каде што јас доаѓам, по подолг период може да кажеме дека имаме успешна сезона за производство на мед. Ако во изминатите неколку години бевме презадоволни кога од една кошница ќе извадевме седум до десет килограми мед, сега имаме и до 22 килограми од кошница. Климатските промени многу негативно влијаат на производството на мед. Во минатото имаше четири до пет години со послабо производство, но веќе наредната година добивавме изобилство на мед, со што ги покривавме трошоците од лошите години. Последната успешна година за медот беше 2002, па еве дури оваа може да кажеме дека имаме добра реколта. Токму поради ова, сѐ повеќе се ориентираме кон производство на други продукти од пчелите, како прополис, матичен млеч, полен и производи од мед наменети за деца, а правиме и комбинации од различни видови мед“, вели Ратко Исовски, сопственик на фирмата „Бомед“ од Глоѓи.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира