Над 100.000 посетители имаше синоќа на стадионот во Штип на концертот на Дино Мерлин во рамките на „Пастрмалијадата“. Не се знае колку чинело гостувањето на Мерлин бидејќи официјално не беше кажано од Општина Штип. Градоначалникот Иван Јорданов само кажа дека ова прашање не е во негов домен и дека тој нема ништо со музичкиот дел, туку тоа било под ингеренции на општествено одговорните компании, кои финансиски ја поддржале манифестацијата.
„Општина Штип единствено предвиде во својот буџет да има 4,5 милиони денари за техничка поддршка на манифестацијата како организатор и домаќин, за изградба на нови електро и водоводни приклучоци кон и во стадионот, вклучувајќи ги и бесплатното паркирање и бесплатниот автобуски превоз од влезовите во градот до стадионот. Но, бенефитот е голем, севкупната придобивка се проценува на неколку милиони евра“, рече Јорданов на прес-конференцијата за најава на „Штипската пастрмалијада“.
По сите оценки на публиката, која во голем број присуствуваше на дводневната манифестација, 17. „Штипска пастрмалијада“ ја забележала најголемата посетеност, со над 200.000 луѓе. Само синоќа, на концертот на Дино Мерлин, Елена Ристеска и Владо Јаневски имало над 130.000 посетители на стадионот и на околните улици.
Градскиот стадион беше исполнет. Публика имаше на едната трибина, теренот и на помошното игралиште, каде што беше поставена големата бина. Жителите од населбата Исар и од околните згради од дома го следеа концертот.
Ако се земе предвид дека штипјани традиционално јадат пастрмалија и дека сите угостителски објекти во Штип два дена работеа турбо, посебно синоќа за време на концертот, па и денеска оти дел од публиката си резервирала соби, се смета дека севкупно се испечени до 200.000 пастрмалии. Тие на штандовите се продаваа за 220 денари, а во некои угостителски објекти биле и поскапи, од 240 до 270 денари.
Јавното комунално претпријатие „Исар“ веднаш по завршувањето на концертот околу два часот по полноќ со брза акција на вработените го исчисти целиот стадион. По демонтирањето на бината, денеска и утре ќе се чисти просторот што беше пред неа, а главниот терен уште денеска може да го користи ФК Брегалница.
Т. ЈОВАНОВСКИ