ПОСТАВЕНО НОВО ЧЕЛИЧНО ЈАЖЕ ЗА ИСКАЧУВАЊЕ ПО КАМЕЊАРОТ НА ПЕЛИСТЕР ДО ВРВОТ СТИВ

    ПОСТАВЕНО НОВО ЧЕЛИЧНО ЈАЖЕ ЗА ИСКАЧУВАЊЕ ПО КАМЕЊАРОТ НА ПЕЛИСТЕР ДО ВРВОТ СТИВСо јажето се опфатени повеќе секции на патеката од Видиковец до врвот Стив. (Фото: СДК.МК)

    Ново челично јаже со должина од 90 метри е поставено на патеката Камењар (Rocky Trail) на Пелистер. Со него се опфатени повеќе секции на патеката од Видиковец (2.000 метри надморска височина) до врвот Стив (2.468 метри).

    „Со неговото поставување во голема мера се зголемуваат безбедноста и брзината на движење на планинарите”, соопштија од Националниот парк „Пелистер“.

    Камењар е една од најубавите и најживописни планински патеки во Македонија. Стартната точка е паркингот пред хотелот „Молика“ (1.430 мнв), продолжува до Копанки, па по североисточниот и северниот раб на Баба Планина преку врвот Стив и Илинден (2.540 мнв) се стигнува до врвот Пелистер (2.601 мнв).

    Камењар е една од најубавите и најживописни планински патеки во Македонија. (Фото: СДК.МК)

    Во текот на движењето по оваа патека се отвора еден од најубавите погледи на околината. На југ и запад се гледаат Преспанското Езеро и делови на Грција сѐ до Олимп и Албанија, на север Солунска Глава, а на исток, во добри временски услови, погледот позади врвот Кајмакчалан допира до Рила и Пирин во Бугарија.

    Патеката е со должина од осум километри, а се совладува висина од 1.210 метри.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира